Суштината на „Статуафест“, а и на „Театроск“ како продукција е да ја зацементираат уметноста на уличните живи статуи, односно уличниот театар, и со тоа да ги стават Скопје и Македонија на светската културна мапа, што се однесува до овој вид улична уметност, подвлекува Војо Цветановски, организатор на „Статуафест“

Почнува „Статуафест – прекинати врски“

„Статуафест – прекинати врски “ почнува на 16, 17 и 18 мај на улицата Македонија, од 18.30 часот. По должината на улицата Македонија ќе се постават десет различни приказни во кои улични живи статуи ќе одиграат актови што симболизираат прекинати врски. Дизајнот на плакатот е на Златко Митрески.
Проектот е поддржан од Министерството за култура.
– Суштината на „Статуафест“, а и на „Театроск“ како продукција е да ја зацементираат уметноста на уличните живи статуи, односно уличниот театар, и со тоа да ги стават Скопје и Македонија на светската културна мапа, што се однесува до овој вид улична уметност, и мислам дека досега сме на добар пат, бидејќи фестивалот, кој постои од 2017 година и во континуитет се случува еве веќе осма година во Скопје, а се случи по еднаш и во Гевгелија и во Прилеп (2017 и 2018 година), започна и соработка со сродни фестивали, како дома така и во регионот, од кои беше препознаен како гранка што е дел од целината на истите тие и што одлично се вклопува во мозаикот на тие фестивали, кои, патем, не се фестивали за улична уметност, напротив, некои се и класични театарски фестивали, а некои и музички. Тоа се фестивалите: „Војдан Чернодрински – Прилеп“, „ТротоАрт – Бања Лука“, „Призренфест – Призрен“, „Шпанцирфест – Вараждин“, како и Меѓународниот фестивал на монодрамата – Битола – ни сподели Војо Цветановски, организатор на „Статуафест“.
Од минатата година се роди и „помалото братче/сестриче“ на „Статуафест“ именуван како „Центарски улици“.

– Со „Центарски улици“ можноста уште повеќе да ја развиваме уличната уметност ни се отвори како нова книга во која ќе ги испишуваме суштината и важноста за уличен театар и улична уметност под ова небо, а и воопшто.
Она што исто така мене ми беше важно кога ја создавав оваа продукција беше тоа да создадам што поголем кадар на домашни улични артисти, односно на „Статуафест“ доминантно да бидат присутни македонски перформери. И во тоа успеав. Последниве три фестивали учествуваат само домашни артисти, што за мене е од исклучителна важност, бидејќи со што поголемо присуство на домашна продукција ќе бидеме стабилно зацврстени кон мапирањето на Македонија, Скопје, „Статуафест“, „Центарски улици“ и „Театроск“ кон светската културна мапа за уличен театар, а и ќе ги разбудиме свеста и интересот за оваа уметност кај поголем број млади луѓе, кои ќе се одважат, ќе излезат на улица и ќе играат театар под отворено небо. За сите. Но, се разбира, ова не значи дека веќе од следниот фестивал, „Статуафест“ – 2025, нема да каниме странски перформери, напротив, на драго срце ќе ги поканиме да се вратат назад на нашиот фестивал, како што беше тоа случај до 2020 година. Овие три изминати години беа важни да ја стабилизираме домашната продукција – посочува Војо.
Годинашниот „Статуафест“ ја разработува темата „Прекинати врски“ и е фестивал на емоциите и сеќавањата.

– Ова не е фестивал што опфаќа само љубовни прекинати врски, напротив, опфаќа секаков вид прекината врска, а такви има многу, а и нам, како креативен тим, тоа ни беше многу поинтересно да го истражуваме, односно да си одговориме на прашањето: што сѐ е прекината врска? Можам да кажам дека навистина беше забавно. На годинашниот фестивал, по должината на улицата Македонија, во центарот на Скопје, на 16, 17 и 18 мај, со почеток од 18.30 часот ќе се постават десет различни приказни одиграни од над петнаесет улични артисти – живи статуи, кои ќе симболизираат прекината врска. Актовите се игриви, интерактивни и, се разбира, будат помешани чувства кај сите оние што ќе ги видат одблизу – ни навести Војо Цветановски.