ИЗБОРНО ЗАСЕДАНИЕ НА „АКАДЕМИЈА БАЛКАНИКА ЕУРОПЕАНА“
Од 17 до 19 јануари во Скопје се одржа изборно заседание на „Академија балканика еуропеана“ во просториите на Интернационалниот универзитет „Еуропа прима“, со гости од повеќе земји на Југоисточна Европа. Заседанието го отвори Александар Трајковски, ректор на ИУ „Еуропа прима“, кој потсети дека, непосредно пред десетгодишнината на оваа прва наднационална академија во балканската современа историја, треба да бидат споменати неколку настани што се случиле пред нејзиното формирање.
Пред сè, симпозиумот „Европа и Балканот – да се биде или не“, кој се одржа пролетта 2015 година и на кој учествуваа поголем број врвни театарски актери од сите балкански земји, кои ја играле улогата на Хамлет, како и нивните презентации на различни балкански јазици, каде што хамлетовската дилема „Да се биде или не“ се изедначуваше со односите меѓу Европа и Балканот во историски контекст. Симпозиумот беше воден од претседателот на Европската академија на уметностите, науките и книжевностите, Жан-Патрик Конрад од колеџот „Империјал“ во Лондон, а еден од најпознатите Хамлети во балканската историја, Јон Карамитру, прв министер за култура на Романија по падот на Чаушеску, беше прогласен за почесен доктор на ИУ „Еуропа прима“. Од тој настан произлезе Скопската декларација за Балканот како интегрален дел на европската цивилизација.
По две години и по изборот на Матичната комисија, во октомври 2017 година, во Националниот театар во Букурешт, Романија, се формира „Академија балканика еуропеана“, со врвни личности од сите балкански земји, која за свое гесло ја одбра реченицата на швајцарскиот писател Никола Бувие (1929–1998): „Балканот е срцето на Европа“. За почесен претседател беше избран Жан-Патрик Конрад, за претседател Јон Карамитру, а за генерален секретар Јордан Плевнеш.
Академијата реализираше, со УНЕСКО и со различни европски институции, повеќе манифестации што значат градење мостови меѓу балканските земји на културен и научен план и, како партнер на фестивалот на Југоисточна Европа „СЕЕ Парис-Берлин-Вашингтон“, им доделува признанија за животно дело на истакнати уметници што оставиле неизбришливи траги во нивното творештво.
„Академија балканика еуропеана“ го издава и месечното списание „Мостови“, чиј главен уредник е албанскиот писател Башким Шеху и на чии страници објавуваат голем број врвни имиња од балканските култури.
По заминувањето на Јон Карамитру во вечниот живот, за претседател на АБЕ беше избран македонскиот писател Јордан Плевнеш и во текот на овие години се избрани околу 40 академици во сите сфери на уметностите и науката. На изборното заседание што се одржа во Скопје, прво обраќање имаше Жан-Патрик Конрад од Лондон, кој истакна дека европскиот дух не може да се замисли без балканската цивилизација и културите на сите земји што се интегрален дел на обединета Европа. Во тој дух, собирот го поздравија и Јордан Плевнеш, претседател на АБЕ, Зенделабедин Шехи, претседател на Европскиот институт за менаџмент, право и дипломатија, како и академик Љубомир Кекеновски, кој е претседател на Научниот совет на АБЕ. Свои обраќања за идните проекти имаа и академиците Игор Мировиќ и Ненад Шапоња, кој беше избран за претседател на „Академија поетика балканика“, која ќе обединува истакнати поети од балканските земји низ девизата: „Поезијата сепак може да го спаси светот“. За нови академици на АБЕ свечено беа избрани: Селимир Радуловиќ, Иван Негришорац, Атанас Козарев, Анис Сефиданис, Исмаил Алии, Драган Тојагиќ и Зенун Фејзула.
Во рамките на Акциониот план на академијата, кој ќе остварува на европско и на светско ниво, особено внимание предизвика обраќањето на Игор Радев, еден од најугледните истражувачи на историјата на кинеската култура и цивилизација. Радев детално го претстави повеќегодишниот проект што АБЕ ќе го реализира со повеќе кинески институции во текот на следната деценија, со размени на автори и научници во областа на литературата, кинематографијата, науката и филозофијата. Како што е познато, уште во 2016 година ИУ „Еуропа прима“, со Националниот музеј од кинескиот град Нингбо, го организира Фестивалот на кратки и документарни филмови од земјите на Централна и Југоисточна Европа. В.Д.
































