Драмскиот театар во Скопје отворањето на новата театарска сезона ќе го започне со проектот „Денови на независната продукција“. Со овој проект Драмскиот театар ја продолжува традицијата на поддршка на уметниците од независната сцена. Преку јавен повик театарот ги повикува уметниците да аплицираат за термин за изведба на претстава во продукција на независната сцена. Јавниот повик е отворен до 1 септември.
Претставите од независната продукција ќе се одржуваат од 9 до 19 септември година. По направената селекција на апликациите, Драмскиот театар ќе ги отстапи за гостување сцената „Ристо Стефановски“ и „Малата сцена“ на театарот, како и потребната техника, со што ќе овозможи изведба на новите претстави и презентирање на иновативни, автентични и квалитетни театарски проекти.
– Со поддршката на независната сцена, Драмскиот театар иницира создавање силна мрежа на театарската заедница од различни генерации актери, режисери, драматичари, сценографи, костимографи и мултимедијални уметници. Проектот „Денови на независната продукција“ е замислен како платформа за контакти на уметници што внесуваат свежина и динамика, понекогаш и неконвенционален пристап во процесот на создавање на театарските претстави, што може да води до идни соработки, копродукции и проекти – велат од театарот.
Публиката ќе има можност да ги проследи и поддржи претставите од поновата продукција на независната сцена, кои со својата разновидност ќе го збогатат редовниот репертоар.