„Денот на црвот“ од Симона Јовановска во издание на издавачката куќа „Или-или“ е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2021 година. Според жири-комисијата, романот претставува успешно книжевно остварување, во кое авторката на умешен начин комбинира различни приказни, егзестенцијални ситуации и човечки судбини.
Оваа награда ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, а претседателот на жири комисијата Владимир Јанковски на денешната прес-конференција посочи дека комисијата на последниот состанок со мнозинство гласови се одлучи за овој роман.
– Жири комисијата одржа четири состаноци, при што по три изборни круга без избрани четири дела кои влегоа во најтесниот избор на наградата „Денот на црвот“ од Симона Јованоска (Или-или), „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски (Или-или), „Деса“ од Ивана Трајаноска (Арс Либрис) и „Ден за одмазда“ од Ивица Челиковиќ (Паблишер). На последниот состанок комисијата со мнозинство гласови одлучи роман на годината за 2021 година да биде „Денот на црвот“ од Симона Јовановска – посочи Јанковски, читајќи го образложението од жири-комисијата.
Како што појасни, композициски, книгата може да се чита како еден вид книжевна симфонија во која голем број елементи дијалогизираат едни со други, на моменти се оддалечуваат и се доближуваат, за повторно да се спојат и обединат во една смисловна целина.
Јанковски напомена дека романот е богат на ниво на стил, книжевна постапка, тон на раскажување, а хуморот, иронијата, суптилната пародија се само некои од стратегиите што авторката ги користи за да го збогати читателското искуство и да ги нијансира значењата на текстот.
Посочи дека станува збор за полиперспективен книжевен текст, во кој контрапунктот и пресвртот, варијациите на темите и мотивите, нивната игрива и луцидна поственост создаваат богат и слоевит роман.
Извршниот директор на Фондацијата „Славко Јаневски“, Ѕвездан Георгиевски на прес-конференцијата денеска истакна оти е горд на фактот што наградата се доделува 23 години во континуитет, и со тоа и е дадено соодветно место во македонската литература, но и соодветно значење.
– Тоа е ентузијастички голкема награда уште во времето кога ја доделуваше Утрински весник, а уште поентузијастички е од кога ја презеде Фондацијата „Славко Јаневски“. На тоа сме особено горди. Тоа немаше да успееме да го направиме без да се препознае наградата во пошироката јавност – додаде Георгиевски.
Потсети дека во последните неколку години наградата е финансиски поддржана од Министерството за култура, но ова е петта година како генерален покровител на наградата е Комерцијална банка АД Скопје.
– Во овие 23 години наградата е доделена на многу важни номинирани автори во нашата држава, но е доделена и на многу млади или дотогаш недоволно афирмирани автори, кои преку оваа награда практично влегоа во македонската литература на малку поголема врата и на овој или на оној начин ја оправдаа довербата што жирито им ја додели – рече Георгиевски.
Тој напомена дека и оваа година лауреатка е млада авторка, и како што рече, се надева дека ќе продолжи традицијата на промовирање на нови имиња, на кои наградата ќе им биде своевиден поттик за сериозно занимавање со литература.
Директорот на самостојната дирекција за маркетинг на Комерцијална банка, Андреј Јовковски напомена дека Комерцијалната банка е горда што е покровител на ова значајно признание, бидејќи нивната поддршка значи наградување на најквалитетните литературни дела, но и поддршка на домашната продукција и на мадите автори.
Лауреатката Симона Јовановска посочи дека е среќна и возбудена што е добитник на оваа награда, но како што рече, романот никогаш не е напишан за оваа цел, туку како што посочи, е пишуван во еден исклучително специфичен период.
– Многу сум среќна, возбудена, многу ја сакав оваа награда. Нема да бидам скромна, да кажам дека не ја сакав, никогаш овој роман не го напишав со таа цел, за да добијам што било. Беше пишуван во еден исклучително специфичен период за мене, во време кога почна пандемијата. На кратко, станав мајка по втор пат, се најдов дома затворена и под еден таков исклучително тежок период, кој што во сите други ситуации можеби би ме бутнал, кај мене делуваше обратно. Ме поттикна, ми беше „тригер“ за да напишам нешто, и на тој начин да си помогнам на себе си – рече лауреатката на денешната прес-конференција.
Напомена дека наградата ќе и претставува дополнителна мотивација за во иднина.
– Мило ми е што од еден таков тежок период, за мене излезе една ваква мал или голема победа, која дополнитлено во иднина би ми претставувало мотивација плус да правам подобро. Никогаш нема да пишувам наменски или за да се допаднам на кој било. Секогаш ќе пишувам за да држам до себе, и да останам своја – додаде Јовановска.
Оваа година во конкуренција за наградата беа 39 романи, а жири комисијата ја сочинуваа претседателот Владимир Јанковски и претставниците на Фондацијата Катица Гароска Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева.
Наградата „Роман на годината“ се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.