Отворена изложбата „Просторни дистанци“ во „Штрос галери“ во Грац

Изложба на академската сликарка Тања Балаќ е отворена викендов во „Штрос галери“ во Грац, Австрија, на која се претставени дела oд циклусот „Просторни дистанци“. Австриската публика можеше да ги погледне делата на Балаќ што ги истражуваат длабоките лични и општествени теми преку уникатен визуелен јазик. Со својот препознатлив ликовен израз, оваа уметница успева да создаде внатрешен дијалог меѓу бојата, формата и емоцијата, што остави силен впечаток врз публиката присутна на отворањето на изложбата, која е поддржана од Министерство за култура и туризам.
Циклусот „Просторни дистанци“ опфаќа дваесетина дела, работени во комбинирана техника, создадени во последните две години.
– Низ личното, интимно сеќавање, со внатрешната одмерена емотивна дистанца, Балаќ се обидува (наспроти современите глобалистичко-плуралистички визуелни технолошки трендови) во напуштените, осамени урбани и пејзажни предели да ги всели, да ги вдоми разнородните заборавени или избришани културни артефакти од нашата колективна меморија. Со бдеењето на тишината над опсесивното присуство на дистанцата, Балаќ истовремено на набљудувачот му ја сугерира и му ја трансферира насладата од контемплативната и сетилна моќ на нејзиното поетско ониричко писмо – вели Конча Пиркоска, историчарка на уметност и авторка на текстот во каталогот за оваа изложба.
Зад целата актуелна сликарска серија, авторката ни ја презентира идејата на нејзиниот сликарски дискурс како репрезентациски инструмент што е еден вид алузија-илузија на видливото и нартивното, зашто таа ја знае визуелната формула, дека токму во појавното, во феноменолошкото, лежи криптичното, кодираното, неразгатливото.

– Аудиовизуелното опсервирање на атмосферата на тишината, на медитативноста, на постојано активната просторно-временска дистанца, со своето благотворно терапевтско дејство, го привлекува и внатрешно го релаксира набљудувачот, но истовремено и го мами, го заведува да се впушти во авантурата на своевидното хедонистичко и сентиментално патување низ осамените, екстериторијални, напуштени, реално-виртуелни предели на Балаќ.
На преден или на заден план на сликите, во фонот, во срцевината, на тоа, речиси свето растојание, суптилно е градена-градирана конфигурацијата на далечината, во чија осаменост се епифанизира и пулсира тишината. Покрај различните криптични, загатливи знаци, авторката ни ги „подметнува“ и читливите напуштени сообраќајни знаци и графеми што не водат кон никаде, но сепак, некои од нив, нѐ упатуваат покрај или на празните патишта што нѐ насочуваат кон ониризмот, а не кон реализмот – посочува Пиркоска.

Инаку, годинава се навршуваат 20 години од првата самостојна изложба на Тања Балаќ и нејзиното активно присуство на домашната и на меѓународната ликовна сцена. Таа во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Членка е на ДЛУМ од 1996 година, а во периодот од 2006 до 2013 година и негова претседателка. Своето професионално и уметничко искуство постојано го збогатува со работни и студиски посети во странство, учество на меѓународни фестивали и изложби, за кои има добиено повеќе награди и признанија. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на различни медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видеоуметност. Остварила повеќе самостојни изложби во Истанбул, Софија, Малме, Марибор, Москва, Париз, Нови Сад, Белград, Темишвар, Берлин, Дубровник…