Оваа година, дизајните на плакатите за концертите на Националниот џез-оркестар ќе содржат дела на истакнатиот ликовен уметник со меѓународна кариера, Сергеј Андреевски. Неговото творештво се движи во границите на постекспресионизмот, а импровизацијата и слободата на изразувањето се едни од главните одлики на џез-музиката, па вкрстувањето на сродните сензибилитети со оркестарот неминовно ќе даде плод.
– Сликам како џез-музичар. Јас сум сликар што често патува и сонува низ светот, вкрстувајќи ги четките и насочувајќи ги своите потези кон сонцето. Светот е моето ателје. Мојата творечка припадност е стилот на постекспресионизмот, а тоа е бесконечна слобода на изразувањето. Звукот е мојот партнер при создавањето. Особено џезот; оти јас кога сликам, импровизирам – не случајно велам дека сликам како џез-музичар – со оваа изјава на академскиот сликар Сергеј Андреевски, НЏМ ја најавува оваа интересна соработка.
Сергеј Андреевски (1960, Скопје) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1985 година. Во текот на својата кариера, добитник е на повеќе стипендии за студиски престој во странство и има реализирано над 60 самостојни претставувања низ светот, во Грција, Србија, Јапонија, Северна Каролина, Франција, Германија… Бил дел и од над 200 групни претставувања низ светот. Основач е на меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт поинт – Гумно“, со седиште во с. Слоештица, каде што е и куратор на Меѓународната уметничка резиденција и колонија, што успешно се реализира од 2003 година.