фото: МКЦ

Александар Ефтимовски е македонски автор со големо интернационално искуство. Во неговото досегашно ликовно творештво има изработено скулптури во голем формат, поставени во повеќе од 30 европски и светски држави. За неговата апстрактна скулптура карактеристични се острите агли, овални форми со чисти површини. Материјалите кои ги користи за неговото ликовно изразување тој ги селектира соодветно со идејната форма.

Проектот кој авторот го создаде за трајно поставување во просториите на МКЦ Скопје е во координација со ликовниот директор на институцијата Горјан Ѓоргиев.

– Идејата е преку овој начин на поставување на делата да се доближиме до концептот кој го имаат во музејот МОМА (MoMA: The Museum of Modern Art, New York City) каде преку слична поставеност на делата се промовираат еминентни ликовни уметници со цел нивно поголемо претставување и едукација на посетителите – наведуваат од МКЦ.

Делата – „Секвенца“, „Овални меки“ и „Импулс“ кои се создадени за МКЦ се изработени од метал и се со големина од 1 метар на секоја нивна страна. Површината на скулптурите е третирана со различни солуции за оксидација која го нагризува металот на различен начин и создава различен колорит на кафено – портокалова нијанса која додава, ликовно кажано, игра и динамика на самите форми. Овој проект претставен во плиток релјеф преку иновативниот начин на интервенција врз материјалот создава илузија на третата дименизја преку својот “Chiaroscuro”(светло-темно) ефект.

Идејата на овој проект е преку трајно поставување на скулптура во просториите на МКЦ да се покаже творештво на авторот на публиката од сите возрасти кои ја посетуваат оваа институција за време на концерти, филмски проекции, ликовни изложби и слично. Делото се очекува да биде видено од повеќе од 10 илјади гледачи во период од една година.

Ефтимовски претходно пред публиката на МКЦ ги има претставено неговите скулптури во галериски и во голем формат преку изложбите „Фрагментум“ и „Точки на гледиште“.

По изложбата во Галерија Резистенсиа во Лисабон, авторот активно работи на создавање на дела за изложбата „Магна Матер“ во МЦ Галеријата во Њујорк.