Дариус Конџи, лауреатот на „Златна камера 300“ за животен опус и потписник на прекрасни кадри кои говорат за неговата големина, денеска на прес-конференција во Битола говореше за соработката со режисерите, начинот на работа на филм, но и за снимањето видео спотови…
– Сакам да работам со добри режисери. Режисери со кои можам да остварам посебна врска, но се разбира, треба да ми се допаѓа и она што го работат, но најважно е дека треба да можам да им помогнам да ја остварат својата замисла.Да го постигнете она што го сакате, да сте исполнети во процесот на работа и да се најдете себе си во процесот. И режисерите треба да се пронајдат во соработката со мене и да сакаат да работат со мене повеќе отколку јас со нив – рече Конџи.
Посочи дека во постпродукција сака целосна вклученост на режисерите.
– Тоа е повеќе важно за нив отколку за мене, затоа што добро е да бидат вклучени во секој сегмент од работата за да можеме во крајниот резултат да ја пренесеме порака – додаде тој.
Снимал насекаде во светот, а многу му се допаднала работата во Мексико.
– Пред неколку години работев во Мексико и потоа режисерот ми стана многу добар пријател. Навистина ја сакам земјата и народот и сметам дека таа земја е мошне моќна емотивно. Јас сум половина Персиец, половина Иранец, имам и француски дел во себе и често ми велат дека е чудна таа поврзаност со Мексико. Од она малку што имав прилика да го видам од Македонија почнувам да го имам истото чувство. Патував ноќе и денеска кога се разбудив и кога го видов градот веднаш добив едно пријатно чувство – рече Конџи и посочи дека му се допаѓа многу македонскиот јазик и жали што не го говори.
Работи со различна опрема и камера и вели дека заедно со режисерот одлучуваат со каква камера ќе работи.
– Не мислам дека сам би можел да донесам таква одлука, секогаш тоа е во координација со режисерот. Сакам кога одлучуваме заедно и тоа од повеќе причини. Последниот филм ќе биде готов кон крајот на декември и него го снимавме со дигитална камера, бидејќи имавме малку снимачки денови. Сепак ова е креативен процес и работите со она што го имате. Најважно е да ги пренесете ликовите, да ја пренесете приказната, а не е најважно со кој медиум ќе го направите тоа. Сепак, за мене филмската лента е пооргански начин, но последниот пат искусив нешто што немав искусено претходно, така што ова е едно отворено поле каде што треба да ја пренесеме нашата креативност – вели Конџи.

Работел и спотови со Нене Чери, Тејлор Свифт и Лејди Гага, но и „Frozen“ на Мадона… со режисерот Крис Канинген.
– Канинген е голем уметник. Тој е прекрасен човек, неверојатен режисер. Поголемиот дел од вас можеби не знаат кој е, но тој е како уметниците од ренесансата-не ги знаеме сите, но во тоа време имало навистина големи луѓе кои не станале познати – заврши Конџи.
На денешната прес конференција беа претставени и Дејвид Мекфарлан и Доминик Седлар кои се кинематографер и режисер на филмот „Одмазничка“, кој синоќа беше прикажан во главната селекција.
– Решив да го следам човечкото искуство, да снимам филмови кои ја истражуваат човековата борба и снимав во Тибет, Индија, Палестина, Авганистан и тоа ме донесе во Загреб и да снимам со оваа екипа. Работев со луѓе кои беа подобри од она што можев да очекувам, особено операторите на камера – рече Мекфарлан, кој посочи дека сакале гледачите целосно да се приближат до протагонистката и приказната преку естетските избори, да нема многу долги и многу широки кадри, а гледачите да се поврзат преку осветлувањето.
Режисерот Доминик Седлар рече дека работел со одлична екипа, а идејата за љубовта му била секогаш интересен концепт за работа.
Кинематограферот на филмот „Земјата под нашите нозе“, Војчех Старон денеска рече дека ги сака документарните филмови бидејќи таму го нашол она што го барал во кинематографијата и дека по студиите почнал да снима вакви филмови бидејќи тие им дозволуваат поголема слобода и да ја откријат реалноста.
– Камерата ни дава можност да се поврземе со луѓе кои не ги познаваме. Камерата гледа повеќе од човечкото око, открива многу повеќе и токму тоа ме привлекува да работам – рече Старон.