Оскаровецот Воли Фистер годинава во Битола ќе ја прими „специјалната камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност
Денеска го дополнуваме списокот на нашите лауреати на наградите што ги доделува фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. Покрај Капланоглу и Џајковски, во овој список ги додаваме Дариус Конџи, кој е добитник на наградата „златна камера 300“ за животно дело, и оскаровецот Воли Фистер, кој е добитник на „специјална камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, соопшти директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски.
– Мал е бројот на кинематографери во светот што имаат оставено зад себе филмски остварувања за кои може да се каже дека се постулат на модерната филмска уметност, кои со децении ќе се изучуваат на факултетите и ќе се реферираат како поим за квалитет на модерниот филм. Уште помал е бројот на кинематографери за кои може да кажеме дека соработувале со филмски мајстори, како режисерите Жан-Пјер Жене, Дејвид Финчер, Бернардо Бертолучи, Михаел Ханеке, Роман Полански, Дени Бојл, Нил Џордан, Сидни Полак, Вуди Ален, Џејмс Греј, Бонг Џун-хо, Вонг Кар-Ваи, Алехандро Гонсалес Ињариту, Ари Астер и браќата Сафди, и во плодната соработка создале неповторливи филмски остварувања. Тоа значи дека само еден е Дариус Конџи, за кого може да заклучиме дека е врвен естет што по сите критериуми ја заслужува „златната камера 300“ за животен опус и кој до ден-денес ги поместува границите на кинематографската дејност, создавајќи дела за паметење – истакнува Доксевски.
Дариус Конџи е роден е на 21 октомври 1955 година во Техеран, Иран. На рана возраст неговото семејство се преселува најпрвин во Франција. Подоцна тој заминал за САД за да студира на УКЛА, а потоа магистрирал на Универзитетот во Њујорк. Двајца професори влијаеле врз неговата одлука да стане кинематографер: Јонас Мекас и Хејг П. Манугијан (професорот по филм на Мартин Скорсезе), снимајќи ги филмовите на другите студенти, надградувајќи ја вештината за кадрирање. По престојот во САД, Конџи се враќа во Франција во 1981 година и работи како асистент за кинематограферите Бруно Нујтен, Мартин Шафер и Паскал Марти. Првиот интернационален успех го постигнува со постапокалиптичната црна комедија „Деликатеси“. Со режисерот Дејвид Финчер најпрвин соработуваат на рекламата за „Најки“, а потоа и на култниот крими-трилер „Седум“. Овој филм ќе му овозможи да оствари низа успешни соработки во 1990-тите. Со Бернардо Бертолучи ќе го реализира „Крадење убавина“. Првата номинација за „оскар“ ќе ја добие за „Евита“, режиран од Алан Паркер.
Во 2000-тите остварува соработка со режисерот Дени Бојл за филмот „Плажа“, со Вуди Ален во „Сѐ друго“ и уште многу други…
Конџи бестрашно соработува со режисери од различен калибар и со дијаметрално спротивни гледишта на филмот, но големината на кинематограферот е во способноста да ја пренесе нивната замисла на дело и да ја преточи во незаборавни кадри, кои ќе се втиснат во сеќавањето на секој гледач.
Конџи има снимено голем број музички видеоспотови со реномирани музички поп-артисти, како Мадона, Џеј-Зи, Лејди Гага, Тејлор Свифт, Еминем.
Американскиот оскаровец Воли Фистер е роден на 8 јули 1961 година како Волтер Ц. Фистер, кој иако е роден во Чикаго, израснат е во Њујорк. Застанал зад камера работејќи во њујоршките телевизии како камерман, а пред камера го поставува за првпат Рoберт Алтман, работејќи ја ТВ-серијата „Танер“ во 1988 година.
Неговиот талент и потенцијал го препознава и Роџер Корман, кој му ја нуди можност да стекне искуство работејќи на филмовите од неговата независна продукција. Првиот долгометражен филм на кој работи како кинематографер е научнофантастичниот хорор-филм „Нероденото“.
Средбата што ќе му го промени животот се случува на „Санденс“, каде што е селектиран филмот на кој работи „Хајлајн“, и каде што ќе се сретне со Кристофер Нолан и ќе започне една долгогодишна соработка, која ќе им ги промени животите и на двајцата артисти. Првиот од нивните заеднички успеси е филмот „Мементо“.Заедно со Кристофер Нолан се заслужни за ревитализирањето на акциските суперхеројски филмови во светски рамки, имајќи ја можноста да го кадрира фамозниот Готам на големо платно, Фистер и Нолан ќе ја почнат нивната трилогија за темниот витез пред 20 години, започнувајќи со „Почетоците на Бетмен“…
Освен при соработката со режисерот Нолан, Фистер сними и неколку значајни филмови во соработка со режисерот Ф. Гери Греј ги кадрираше „Италијанска работа“ и „Формула за успех“.
Неговата кинематографска работа неколкупати е номинирана за награди од страна на Американското и Британското здружение на кинематографери.
Откако ќе ги достигне сите цели што си ги има поставено како кинематографер, Фистер ќе стави пред себе нова цел – режирањето, седнувајќи во режисерското столче на долгометражниот филм „Виртуелна свест“.
Денес се занимава со режирање рекламни видеоспотови за светски познати брендови, но исто така режира и епизоди во реномираните комични ТВ-серии. Фистер е визионер што го промени јазикот на современиот филм, кадрирајќи филмови со кои пораснаа денешните генерации на гледачи, на кои им ја всади љубовта кон филмската магија, кој секој нареден професионален дострел во животот на кој аспирира, судејќи според посветената и истрајна работа, со сигурност ќе го реализира и повторно реобмисли филмот во иднина.
Годинава автор на плакатот за фестивалот е истакнатиот уметник Киро Урдин, а селектори на фестивалот се: Слаѓан Пенев, Марија Апчевска, Атанас Велковски, Кумјана Новакова и Ханис Багашов.
Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ годинава ќе се одржи по 46. пат, од 20 до 26 септември во Битола.