Работилница во Музејот на македонската борба

Државната секретарка во Министерството за култура и туризам Марија Станчевска-Ѓоргова, во Музејот на македонската борба, се обрати на тридневната работилница посветена на примената на законодавството во Македонија за засилување на борбата против нелегалните активности насочени кон културното наследство. Таа упати благодарност за заложбата и поддршката за реализација на оваа работилница, што произлегува од успешно одржаната обука во јули годинава во Скопје во рамките на проектот „Борба против недозволената трговија со културни добра во Западен Балкан“, финансиран од Европската комисија и имплементиран од УНЕСКО преку Регионалното биро за наука и култура во Европа, со седиште во Венеција, и Канцеларијата во Сараево.
– Со проектот, чија примарна цел е координација и интегриран пристап меѓу сите чинители во борбата со нелегалната трговија со културното наследство на регионално и на меѓународно ниво, уште еднаш ја потврдуваме нашата посветеност и обединетост за заштита и зачувување на културното богатство што го поседуваме – истакна државната секретарка.
Учесниците на претходната работилница дојдоа до заклучок дека на национално ниво не се преземени сите мерки за координиран и интегративен пристап, кој ќе обезбеди поголема безбедносна заштита на културното наследство, Станчевска-Ѓоргова информираше дека се започнати активности насочени кон зајакнување на институционалните капацитети и втемелување меѓуресорска мрежа, преку која координирано ќе се преземат активности за спречување на уништувањето на културното наследство. Таа најави дека во претстојниот период, Владата и ресорното министерство ќе дадат фокус на засилување на безбедносната заштита на културното наследство.
– Со зацврстување на капацитетите за борба против нелегалните активности со културни добра, применувајќи јасни законски одредби, работилницата ќе придонесе за создавање меѓуресорска мрежа во која ќе дејствуваат Министерството за култура и туризам, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Царинската управа, заводите, музеите, галериите и конзерваторските центри – рече Станчевска-Ѓоргова.
Значајна компонента во борбата со нелегалната трговија со културното наследство, но и во спречувањето и казнувањето незаконски активности против културното наследство, се и обвинителствата и надлежните судови, како и имплементацијата на меѓународните конвенции од областа на заштитата на културното наследство.
На отворањето на работилницата, присутните ги поздравија и Алма Мрган-Слипичевиќ од Регионалното биро за наука и култура на УНЕСКО во Европа и Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство.
Тридневната работилница е посветена на градење капацитети за подобрување на законодавните рамки за културното наследство за различните категории на клучни институционални партнери и други национални чинители. Присутни се домашни експерти, претставници од: Министерството за култура и туризам, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за внатрешни работи (т.е. полициската служба), Царинската управа, Јавното обвинителство и судството, како и стручни лица вработени во заводите, музеите, галериите, конзерваторските центри и експерти од релевантните невладини организации. В.Д.