Концерт во Кичево „Чување на традицијата и негување на културното наследство“
Утре напладне во големата сала од Центарот за култура во Кичево ќе се одржи концертот „Чување на традицијата и негување на културното наследство“. На овој концерт, прв од ваков вид во градот, ќе земат учество КУД „Бисер“ Кичево, ВИС „Амајлија“, пијанистот Лука Лазарески, мајсторот на канон Филип Михајлоски, солистите Мирoслав Мирчески, Методија Столески, Дарко Стојаноски и Михајло Данилоски, а за богатата музичка понуда ќе придонесе и учеството на кичевскиот оркестар за народна музика.
– Самото име на концертот посочува на содржината на овој настан. Ќе се погрижиме со ваков вид музика да ја зачуваме традицијата и да го негуваме нематеријалното културно наследство. Нашите заложби се да ја прикажеме Македонија во вистинско светло со шареноликоста на македонскиот вез, да се развиори македонското оро и да се слушнат милозвучните ноти на македонската песна. Компонирањето на нови музички записи за македонската народна музика е да се сочуваат од заборав незаборавните народни песни. Да се избрише табуто околу македонското оро и песна, да се зачува културата на градот и меѓу новите генерации што повеќе да се слуша македонска музика. Тоа е главната цел на овој проект и денешниот концерт, за кој јас како носител имам замисла истиот да прерасне во традиција која ќе доживува јубилеи, а зашто да не се реализира и фестивалско остварување на истиот – истакна организаторот и носител на овој проект, Христијан – Кико Трајаноски.
Почетокот на концертот е во 12 часот напладне. З.А.