Книгата се роди од таа пресечна точка: меѓу внатрешниот крик и надворешниот апсурд, вели Влатко Деловски
Влатко Деловски, автор на „Од личност до маска – за новата ’нормалност’“
„Од личност до маска – за новата ’нормалност’“ е прва книга на Влатко Деловски, чија промоција е закажана за 10 јули, во 19 часот, во книжарницата „Или-или“. Разговараме со Влатко Деловски за идентитетите, маските што ги носиме, новите нормалности во кои се криеме…
„Од личност до маска – за новата ‘нормалност’“ е филозофско-есеистички акт на сведочење за времето кога идентитетот се заменува со видливост, автентичноста со алгоритамска приспособливост, а човечноста со добро филтрирана маска. Ова е книга за оние што сè уште чувствуваат дека нешто не е во ред – и не сакаат да молчат.
Кога би напишал кратко резиме за „Од личност до маска – за новата ’нормалност’“, кои зборови би ги одбрал?
– Ова е книга за тоа како од икона станавме иконка. Од лице – QR-код. И како тоа сите го прифативме со „лајк“.
Што беше почетниот импулс што те натера да седнеш и да ја напишеш оваа книга? Дали инспирацијата дојде како резултат на внатрешен немир или беше реакција на нешто што го забележа во светот околу себе?
– Почетниот импулс беше длабоко личен, но и длабоко културен. Од една страна, чувствував внатрешен немир – како да исчезнува нешто човечко во сето ова „ново нормално“. Од друга страна, почнав да забележувам модели, повторувања, замена на автентичноста со видливост, на присуството со перформанс. Имаме и лица – наводни авторитети, кои ништо не кажуваат, а само мантраат нешто по маргините, несфатливи. Книгата се роди од таа пресечна точка: меѓу внатрешниот крик и надворешниот апсурд. Меѓу потребата да се разбере и стравот дека веќе никој не прашува „кој сум“.
Во книгата зборуваш за кризата на идентитетот и за трансформацијата од „личност“ во „маска“. Дали сметаш дека денешниот човек доброволно ја прифаќа маската или е принуден на тоа?
– Верувам дека маската денес се носи доброволно, но под притисок што не изгледа како насилство, туку како „опција“. Тоа е фасцинантен парадокс: луѓето се приклучуваат на спектаклот од страв да не останат надвор од него. И колку подолго ја носиме маската, толку повеќе личноста под неа се суши, се повлекува. Пишувајќи ја книгата, не сакав да обвинувам, туку да разберам – како дојдовме дотука и што останува како можност за оној што сè уште сака да биде лице, а не логотип.
Во самиот наслов „новата ’нормалност’“, наводниците носат цинична тежина. Што точно претставува „нормалноста“ за тебе и зошто е толку важно да ја ставиме под сомнеж? Што изгубивме, а што мислиме дека добиваме?
– „Нормалноста“ денес е најуспешниот невидлив режим – не се наметнува со сила, туку со опции. Таа не те притиска – таа те „нуди“, ти „олеснува“, ти вели биди свој додека те форматира. Наводниците во насловот се таму затоа што оваа нова „нормалност“ е реалност во наем – симулирана стабилност што бара постојан „апдејт“ на сопствениот идентитет. Ја ставам под сомнеж затоа што престанавме да се чудиме, а почнавме да се приспособуваме. Изгубивме лице, паушално. А што добиваме? Маска со добра резолуција, пристап до алгоритамска љубов и илузија дека сè е „во ред“ – само ако си тивок и скролаш. Знаеш, сакам панкерски пристап. Имаме многу добра традиција за тоа: Чиста околина, Падот на Византија, Веле Солунчев – о. Никодим, Ристо Солунчев, Сецко, Готра, Трето колено, Брада, Чапс, Деки итн.
Кои филозофи или мислители, тези или фрази те инспирираа при пишувањето на ова дело?
– Ајде да почнеме со „Б“: Борхес, Бауман, Берѓаев, Бодријар. Потоа без ред: Киркегор, Хајдегер, Гадамер, Гиденс, Достоевски, Енцесбергер, Епштејн, Зисиулас, Јанарас, Шмеман, Аеропагит, крајно вечниот Кафка и многу други, ама не се премногу.
Дали ја гледаш оваа книга како личен акт на отпор или како обид да документираш нешто што мнозинството сѐ уште не го разбира целосно?
– Не ја напишав оваа книга за да понудам решение – не мислам дека е можно, барем така ме учат моите омилени автори. Но почувствував потреба да запишам дека се случува нешто важно – нешто што нè менува тивко, а длабоко. За мене ова е пред сè личен акт на сведочење, можеби и отпор – по малку и несвесен раперски пристап, и внатрешно непомирување со нешто што сè пополека станува прифатливо, дури и кога е нечовечко (има еден прекрасен расказ од Кафка). Не знам дали мнозинството го гледа тоа, но јас го чувствувам. И оваа книга е начин да кажам: „јас го видов тоа, и не ми беше сеедно. Не сум полковник, но моето присуство е важно.
Гледаш ли надеж за враќање кон „автентичната личност“ или сметаш дека сме веќе предалеку? Дали е можно автентичноста денес да биде избор на храброст?
– Автентичноста денес не е состојба – таа е сведоштво. Тивка храброст, без гаранција дека ќе биде видена. Да бидеш лице во време на маски е веќе подвиг. Не затоа што светот ќе те препознае, туку токму затоа што нема. А можеби токму во таа невидливост, Бог гледа појасно. Слава Му Нему. Очекувам дека некој ќе го критикува славословието Божјо, но и тоа е избор. Простете ми, па и без тоа ќе поминам.