На 13 септември во кафе-книжарницата „Буква“, со почеток во 20.30 часот, ќе биде отворена првата изложба на Андреј Медиќ Лазаревски, насловена „Црно под ноктите“. Изложбата се состои од колажи и мини-инсталации изработени во последната година.
– „Црно под ноктите“ е концепт со кој авторот пробува да го втурне гледачот во „гнилото“, во „црното под ноктите“. Во тоа „гнило“ се наоѓаат темите што се преокупација на една цела генерација, но и вечните теми како „потрагата“ по своето место во заедницата, личното и нелирско „јас“, уништувањето на природата, љубовта, еротското, стравот, смртта, миграциите. Некои од колажите се инспирирани и посветени на песни од поети и поетеси од домашната и светската книжевност (Сергеј Есенин, Жак Превер, Имануел Мифсуд, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Јулијана Величковска, Ива Петреска, Александра Спасеска, Васил Ханџиски, Милена Сиљаноска, Ангела Бошкоска, Дамјана Видическа…) – се наведува во најавата.
Во рамките на настанот за музичкиот дел, со свој диџеј-сет ќе се погрижи Индог.
Андреј Медиќ Лазаревски (2001, Скопје) е поет, уредник и организатор на културни настани и фестивали. Тој е дипломиран професор по филозофија на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет и студира на Катедрата по општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Беседење со неа“ (2021) и „Молитвени дискурси“ (2022, 2023). Тој е основач на здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, организатор е на книжевните настани „Поетска епизода“ и „Клинци“, главен фестивалски координатор е на „Филозофскиот филмски фестивал“, член е на извршниот одбор на Филозофското друштво на Македонија, член е на Управниот одбор на „Скопскиот поетски фестивал“, дел е од тимот на кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, а моментално работи во „Кликер маркетинг“.