Театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп ќе ја изведе претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски. Утре ќе се случи претпремиерата, а задутре премиерата (29 ноември) на претставата.
Тоа беше поводот и за денешната прес-конференција, на која директорката на ЦК „Марко Цепенков“, Марија Попова Јованоска, рече дека ова е втора премиера годинава, но воедно претстава што носи силна симболика.
– Создадовме сосема нова сцена, во нови услови, работевме со посветеност, со многу ентузијазам и со верба дека театарот наоѓа начин да живее. Нашиот театар вложи многу енергија, труд и срце за „Црнила“ да го добие обликот што го заслужува. Претставата е финаниски поддржана од Министерството за култура и туризам, но најголемата благодарност ја упатувам кон целата екипа, која работеше со желба дека ќе остави нешто што ќе биде запаметено – рече Марија Попова Јованоска, директорка на ЦК „Марко Цепенков“.
За раководителот на театарот Михајло Миленкоски, театарот отвора нова приказна.
– „Црнила“ од Коле Чашуле е дело што не старее, Чашуле е писател кој со интелектуална храброст и длабочина го создаде современиот македонски драмски јазик. Сакам да му се заблагодарам на Пројковски за тоа што ќе ни остави убава претстава во која ќе ужива прилепската публика. Под негова режија, „Црнила“ станува мост што спојува. Пројковски успеа да ги отвори сенките, дилемите и моралните битки на нашите ликови и да ги донесе пред публиката како жив разговор со денешницата.Со радост го отвораме и ново-стариот сценски простор — Сцената 105, простор што ќе ни овозможи поинтимни, поекспериментални и посовремени театрални јазици. Место каде младите автори ќе добијат дом, а традицијата ќе продолжи да дише нов воздух – изјави Миленкоски.
За режисерот Дејан Пројковски „Црнила“ на Чашуле е еден од текстовите кој го имаме како бреме.
– Нашите ликови во „Црнила“ малку се заглавени во калта од сопствените пороци и предавство, а од друга страна, се со константен сремеж и поглед кон небото. Всушноист, тоа растргнување меѓу желбите и можностите ги прави сите да се растегнуваат како жиците на гитарата. Работев во период кој што мислам дека беше многу важен за театарот и сите планини кои треба да се искачат. Секогаш треба да се работи и да сме тука кога е тешко и кога е важно….Претставата е актерска и режисерка исповед и ја работевме без заземање став. И мило ми е што отвора дијалог за тоа дека мора во одредени моменти да имаме заеднички ставови, а црнилата се секогаш во македонската историја како резултат на поделбите – вели режисерот Пројковски.
Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф Марија Пупучевска, автор на музиката Горан Трајкоски, драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, а автор на плакатот е Сергеј Светозарев.
Во претставата играат Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Катерина Чакмакоска Клинческа, Александар Степанулески, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски, Ива Малинческа.
Ка.М.



































