Пабло Лозано и Душан Хусар, кинематограферите на филмовите „Хроники на една скитачка светица“ од официјалната селекција „Камера 300“ и „Осаменост“, филм што беше прикажан во европската програма „Ло-кап“, имаа конференција за печат во Битола, во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“.
Во едно аргентинско гратче, една побожна но компетитивна жена сфаќа дека доколку измисли дека доживеала чудо, може да ја прогласат за светица. Но пред да објави дека чудото се случило, еден шокантен настан ѝ ја покажува скриената магија на нејзиниот свет, принудувајќи ја да го преиспита сето она што го земала здраво за готово. Ова е накратко приказната на филмот „Хроники на една скитачка светица“.
– Среќен сум што наидов на вакво сценарио, беше многу интересно да се размислува и да се процесира сето тоа – рече Лозано, кој раскажа дека со режисерот се познаваат од училишните денови и дека снимале и кратки филмови заедно.
Сите во селото биле возбудени додека се снимал филмот, црквата е многу интересна и реткост е да се најде таква.
– Чуда може да се случат насекаде, во многу мали места, не само во Аргентина, туку каде било во светот. Имавме среќа што ја најдовме таа напуштена железничка станица за да снимаме таму, а статуата што исчезнува во филмот навистина ја нема долго време, тоа не е фикција – раскажа Лозано и рече дека филмот се прикажува веќе шест недели во кината во Аргентина.
Во рамките на новата селекција на европски филмови од земји со низок продукциски капацитет, кои ќе се натпреваруваат за наградата „златна европска камера“ на 45. ИФФК „Браќа Манаки“, Душан Хусар, кинематограферот на филмот „Осаменост“, говореше за своето искуство додека се снимал филмот.
– Прекрасна беше локацијата Исланд, каде и да погледнеш можеш да снимаш, што за нас беше фасцинантно, а за нив секојдневие, па затоа беше предизвик за мене да пронајдам смирени и мирни места, кои ќе бидат реални и за нив и за нас, без да се стави акцентот само на најубавите места – рече Хусар.
Филмот „Осаменост“ ја раскажува приказната за тоа дека државата принудува еден земјоделец што живее мирен живот на село да го продаде својот дом, да остави сè зад себе и да се пресели во главниот град, каде што се спријателува со десетгодишен доставувач на весници. В.Д.
Јошио Китагава: Филмот ја тера публиката да мисли што ни значи природата
Јошио Китагава, јапонски кинематографер, чиј филм „Зло не постои“ беше прикажан на „Браќа Манаки“ во рамките на официјалната селекција, на прес-конференција говореше за искуствата при снимањето со режисерот Рјусуке Хамагучи, со кој веќе го сними „Среќен час“.
Китагава истакна дека имале и други соработки при снимање кратки филмови и дека е среќен што има можност да работи со него по големиот успех со филмот „Вози ја мојата кола“.
– Со овој филм тој стана многу популарен во Јапонија, но и во странство, но сепак за филмот „Зло не постои“ не доби многу голем буџет. Композиторката со која соработувале на филмот „Вози ја мојата кола“ му понудила да ја визуализира нејзината музика на фестивалот на филм во Гент, Рјусуке го прифатил тоа, а потоа и јас, и така почна соработката – рече Китагава.
Такуми и неговата ќерка Хана живеат во едно село близу Токио. Како и нивните предци, тие живеат скромни животи што ги следат циклусите и редот на природата.
– Актерите не се професионалци и одлично ја презентираат идејата дека не е сѐ црно и бело и дека злото некогаш постои, а некогаш не. Филмот ја тера публиката да мисли што ни значи природата и да доаѓа во киносалите – порача Китагава, заблагодарувајќи се на прекрасното искуство да биде дел од програмата на „Браќа Манаки“.
Состојбата е тешка, ама ако имате добра проект, сепак е можно
Во кратката програма вчера беа прикажани неколку филма. На денешната прес конференција за своите искуства во соработката со режисерите проговорија кинематограферите Душан Кардалевски, Кинан Масарани и Петер Колањи.
– Од една страна е тешко да се работи со режисер, во мојот случај тоа е сестра ми, но од друга страна е полесно за некои работи. Таа е многу прецизна и кога ќе го подготви филмот доаѓа со книга и веднаш кажува како сака да изгледа снимањето и тоа е едноставно за работа – рече Кардалевски, кој е кинематографер на филмот „Состојба на умот“, во режија на Александра Кардалевска.
Одговарајќи на новинарско прашање, Кардалевски посочи дека состојбата во македонскиот филм во моментов е можеби најтешка од кога било, но дека се надеваат оти ќе дојдат подобри времиња.
– Исто така тешка е состојбата и со копродукциите и за долгометражни и за краткометражни филмови, но ако имате добра проект, добро сценарио, сепак е можно – рече тој.