„Чиста куќа“ од Сара Рул, во превод и режија на Тамара Стојаноска, е претставата што театарот „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе ја изведе вечерва, од 20 часот, на сцената на ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп. Ова е прва премиера на театарот од годишната програма за работа во 20025 година, поддржана од Министерството за култура и туризам. „Чиста куќа“ е претстава што раскажува длабока човечка приказна за животот и смртта, преку пет различни, но меѓусебно испреплетени ликови.
– Зборуваме за непредвидливите пресврти во животот и начинот на кој се соочуваме со нив, за болката што е неизбежна, за големината на простувањето, но и за љубовта и губењето на истата таа. Претставата ги истражува ширењето емпатија и начинот на кој се справуваме со траумите од детството – во нашиот случај, преку вицови, како средство за преживување, бегство и поврзување. Секој лик носи во себе различна тежина, нерешени болки, кои ги гледаме преку односите на две сестри, двајца партнери или родители и деца. Во нашата приказна, вицовите стануваат филтер, еден вид фасада и начин да се преживее она што не може да се издржи. Траумите од детството често се заматени, а спомените се искривени или недовршени, а родителите ги штитат децата од вистинската болна реалност. Ликовите не се обидуваат само да нѐ насмеат, тие се обидуваат да преживеат, да ја пронајдат смислата во свет, кој понекогаш е премногу болен за да се прифати таков каков што е. Чистењето во оваа претстава не е само физичка активност, тоа е метафора. Додека домовите ни блескаат, внатре во нас често владее неред, несредени емоции, потиснати чувства, нерешени болки и осаменост. Куќата може да биде уредна и тивка, додека душата е немирна, полна со тишина што вришти. Чистењето овде станува чин на грижа, на бегство, на обид за враќање контрола, но и чин на љубов, особено кога се прави за некој друг. Претставата се движи на границата меѓу реалноста и имагинацијата, користејќи елементи на магичен реализам за да ги прикаже емотивните состојби на ликовите, каде што вицовите можат да лекуваат и да убиваат, а љубовта може да живее и по смртта. Сара Рул, со својот препознатлив поетичен стил, ја претвора секојдневната болка во нешто магично, духовито и лековито. „Чиста куќа“ не е само приказна за чистење простор туку за чистење на внатрешниот емотивен хаос. Авторката нè потсетува дека не сме совршени, но и дека токму во таа несовршеност се крие нашата човечност – вели режисерката Тамара Стојаноска.
Драматургијата е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата и дизајнот на плакатот и на рекламниот материјал се на Филип Коруновски, музички соработник на режисерката е Ана Митоска, а изборот на костими е на режисерката во консултација со актерската екипа. Играат Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска-Клинческа, Јасмина Мицовска-Станкоска и Димитар Ѓорѓиевски.

Ка.М.