Фото: З.А

Вечерва во ликовниот салон од Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево, беше отворена ликовна изложба на уметникот од Подгорци струшко, Владимир Младеноски. На вечерашната изложба беа претставени 20 дела во мал формат во техника масло на платно, кои Младеноски ги насликал во последните пет години. Овој уметник досега има организирано 54 самостојни ликовни изложби и над 40 групни изложби. Според неговите зборови, тој е ученик на Вангел Коџоман и неговиот стил по многу нешта потсетува на стилот на неговиот професор.

Фото: З.А

– Сликарството ме окупира веќе четири децении. Чудно но вистинито се чувствувам како да сум станал зависник од сликарството. Едноставно морам да сликам, да работам. Ме влечат и ми внесуваат немир во душата овие прекрасни мотиви од поднебјето на Дримколскиот предел, житното класје, планинските пејзажи, старата Подгоречка архитектура, Охридското езеро, Црн Дрим, старите чунови и брановите. Често излегувам во полето да ја почувствувам силата на вистинската боја и да ги видам луѓето како ја обработуваат земјата, како во тоа внесуваат дел од себе, дел од својата душа. Овие импресии ме растреперуваат, внесуваат немир во моето битие, ми ја разгалуваат душата и едноставно сум принуден сето тоа да го насликам, да го пренесам на платно и на некој начин да ја овековечам таа убавина – вели Младеноски, кој во текот на есента ќе наполни 80 години.

Уметникот додаде дека најмногу научил од својот учител Вангел Коџоман, еден од основоположниците на современото македонско сликарство.

З.А