РЕТРОСПЕКТИВНА ИЗЛОЖБА НА ИЛИЈА МИНОСКИ ВО ПРИЛЕП
Во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп е отворена ретроспективна изложба на дела од големиот македонски уметник Илија Миноски, врвен виртуоз на акварелот. Презентирани се 40 дела, од кои дел за првпат се претставуваат пред македонската ликовна јавност.
Академскиот уметник Илија Миноски, додека твореше, изгради сопствен автентичен ликовен израз преку експериментирање со многубројните технички можности што ги нуди акварелот.
– Со брзи и експресивни потези на сликарската четка, уметникот создавал вибрантни и енформелни содржини. Неговите студиозни експресивни и колористички интервенции евоцираат некогашни заборавени сеќавања. Преку слободната игра со колоритот врз сликарската подлога, уметникот неуморно во континуитет творел динамични и впечатливи антропоморфни облици. Со современ уметнички сензибилитет, Миноски ги апстрахирал човековото тело и портрет – забележува м-р Викторија Димеска за творештвото на Илија Миноски.
Неговиот ликовен и симболичен јазик е создаден од живописни асоцијативно-апстрактни претстави, збогатени со многубројни минуциозни линиски акценти.
– Во текот на долгогодишната кариера, преку акварелната техника, ликовно истражувал разновидни мотиви – од староградска прилепска архитектура и пејзаж до разни апстрахирани и симплифицирани актови и портрети. Современиот академски уметник Илија Миноски експериментирал со колоритот, просторот и формата, истовремено ослободувајќи ги облиците од нивните контурни окови и ригорозни структури, како и создавајќи креативни и неповторливи, односно единствени апстрахирани или флуидни површини што потсетуваат на етерични сеќавања и спомени – вели Димеска.
Ка.М.