Во Галерија 2 во МКЦ е отворена изложбата „Часови без часовник“, поврзана со истоимената книга на Владимир Мартиновски. На изложбата се прикажуваат 15 негови дела во комбинирана техника на хартија, кои претставуваат илустрации во стихозбирката „Часови без часовник“ (сонетен венец). Изложбата се отвори со поетско-музичка изведба на сонетниот венец, во која учествуваа авторот, поетесата Биљана Стојановска и гитаристот Дарко Багески.
Владимир Мартиновски е професор по општа и компаративна книжевност и актуелен декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на 11 поетски книги за возрасни, три стихозбирки за деца, 12 теориски и есеистички книги, четири книги проза (хаибуни, раскази и куси прози), а составил и десетина антологии. Неговата поезија е преведена на 20 јазици, а објавени се десетина избори од неговата поезија во странство. Добитник е на неколку награди за поезија, расказ и книжевна критика. По минатогодишната изложба „Звучни слики“, изложбата „Часови без часовник“ е негова втора самостојна изложба. Во првата изложба во фокусот беше односот музика – сликарство, а во втората врските меѓу поезијата и сликарството. Изложбата ќе трае до 4 јуни.