Фото: Општина Кавадарци

На Петровден на летната сцена во прекрасната природа на излетиштето Моклиште се одржа третото издание на Фестивалот на чалгиска музика како дел од бројните културни настани во рамките на Кавадаречко лето 2025. Синоќешната вечер со многу побројна публика и прекрасна атмосфера пулсираше во ритамот на чалгијата и уште еднаш потврди дека овој фестивал не само што значи отргнување од заборав на една длабока музичка традиција туку и одавање почит на традицијата и времето кога цветаше ваташката чалгија кога за многу семејства претставуваше вистинска привилегија на семејна веселба да им свири чалгиска музика.
Фестивалот започна со песната „Ми заплакало селото Ваташа“ во изведба на Радица Костадинова по што следеше соло настапот на Хусреф Саид на инструменот кануон кој заедно со Димо Димов – Дулот долгогодишен член на здружението „ Ваташката чалгија“ и постхумно Раим Баки добија награди за животно дело. Настапот на „Велешка чалгија“ во состав Демир Асанов-виолина, Мамер Елезовски-канун, Никола Коки -кларинет и Трајче Симеонов-тарабука, која исто така ја придружуваше и Драгана Станишковски со песните „Со маки сумсе родил“ и „Ајде не ти личи Дафино моме“. Круме Спасовски со песните „Бог да бие џанум Наумчето“ и „Подранила Цена“ не потсети на великанот на народната песна Никола Бадев. Фестивалот го збогатија прекрасните изведби на Душко Георгиевски, Ванчо Тарабунов и Благица Павловска во дует со Васко Ристов а публиката заедно со ниве ги пееше песните „Три години стана“, „Послушајте патриоти“ ,„Дафино вино црвено“…
Крајот на фестивалот беше отстапен за „Ваташка чалгија“ во состав Димо Димов- виолина, Васо Ристов -брач, Лазо Нашев- џумбус, Илчо Јованов – даире, Горан Костадинов-кларинет, Петре Јанакиев -дајре и Перо Пењушков -лаута. Во нивна изведба гу слушнавме „Кога с`нце изгрева“, „Болен ми лежи кара Мустафа“ и „Ние Ваташани“.

Фото: Општина Кавадарци

И годинава фестивалот е во организација на здружението „Ваташка чалгија“ со подршка на Општина Кавадарци заедно со несебичната подршка на идејниот творец д-р Перо Пењушков и голем број општествено одговорни компании и институции од Ваташа и Кавадарци.
По повод добивањето на наградата за животно дело водачот на ваташката чалгија Димо Димов- Дулот изјави дека признанието за него претставува круна на животниот пат во чалгиската музика и поттик за нејзино понатамошно негување.
-Фестивалот го отвори мојата ќерка во изведбата на песната „Ми заплакало селото Ваташа“ што уште еднаш го потврдува значењето на традицијата на музиката што во моето семејство ја споделуваме низ генерации. Звукот на чалгијата не е само музика туку наследство кое треба да го чуваме со достоинство. Затоа им благодарам на сите љубители на македоснката чалгиска музика што беа дел од оваа вечер исполнета со традиција и почит – рече тој.