На 13 јуни (четврток), во 19 часот, во „Литература.мк“ („Дајмонд мол“) ќе биде претставено најновото издание во едицијата „Македонски книжевни класици“ на „Арс ламина“. Станува збор за објава на целокупното поетско творештво на Никола Маџиров, еден од најпознатите и најпреведувани македонски поети во светот.
– Освен трите негови веќе култни поетски збирки, изданието ексклузивно содржи и десет нови песни (досега необјавени во книга)… Поезијата на Маџиров е пеена, музицирана и славена низ светот со најпознати музичари, групи и џез-оркестри од нашето време. Вечерта посветена на Маџиров го одбележува објавувањето на целокупното негово поетско творештво, но претставува и едно комплетно „враќање дома“ на неговиот успех расеан насекаде – се вели во најавата.
Никола Маџиров (1973) е еден од најпознатите и најпреведувани поети од Македонија. Досега има објавено десетина книги на македонски јазик, вклучувајќи ги и изборите поезија, а уште толку има објавено во земјите во странство. Добитник е на поетската награда „Хуберт Бурда“, светската награда за книжевност „ДЈС“ во Кина (2011), европската поетска награда „Левир литерер“ (2015) во Франција, наградата за придонес во современата европска поезија на колеџот „Кингс“ во Кембриџ (2016), главната поетска награда на меѓународниот поетски фестивал „Орфеј“ во Пловдив, Бугарија (2019), меѓународната поетска награда „Литричр енд арт нетворк“ во Пекинг, Кина (2021), националната награда за поезија „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“ и уште две поетски награди со национален предзнак: „Студентски збор“ и „Ацо Караманов“.