ДЕВЕТНАЕСЕТТО БИЕНАЛЕ НА АРХИТЕКТУРАТА ВО ВЕНЕЦИЈА

На 9 мај во изложбениот простор Арсенале – Сале д’Арми во Венеција свечено ќе биде отворен Павилјонот на Македонија во рамките на 19. Меѓународна изложба на архитектурата. Проектот „Страда бруталисма“, под кураторство на Благоја Бајковски, е авторско дело на кураторот и тимот составен од Ана Рафаиловска, Невенка Манчева Аџиевска, Марија Антиќ Николова, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски. Комесари на изложбата се Маја Неделковска Брзанова и Фросина Зафировска.
„Страда бруталисма“ ја поставува во фокус бруталистичката архитектура на Скопје – уникатен и парадигматичен слој од постземјотресната историја на градот. Главната цел е да ја активира архитектонската интелигенција вткаена во бруталистичкото наследство на Скопје. Во овој контекст улицата (страда) претставува кураторска алатка за обликување патека на ново архитектонско знаење. Поставката извлекува десет бруталистички примери од автентичноста на нивниот контекст и ги репозиционира во нова просторна организација, создавајќи „концептуална улица на знаењето“.

Изложбата е структуирана низ два улични фронта, кои меѓусебно комуницираат и оформуваат линеарен репозиториум на информации и простор за критичко промислување. Првиот фронт е обликуван преку графичките биографии на избраните бруталистички објекти од Скопје, кои ја илустрираат сложеноста на нивните архитектонски композиции. Вториот фронт претставува транскрипции на знаења инкорпорирани во овие објекти, дополнети со критички осврти од еминентни македонски и меѓународни архитекти. Во рамките на проектот се поканети значајни имиња од архитектонската дисциплина да дадат свој придонес во форма на критички осврт и кратки дефиниции за скопскиот брутализам.
„Страда бруталисма“ укажува како колективното размислување за бруталистичката архитектура може да поттикне нови форми на архитектонска мисла што предизвикуваат, информираат и ја трансформираат идната архитектонска практика и генерираат нови визии за современата архитектура. На овој начин проектот се вградува во генералната тема на претстојната 19. Меѓународна изложба на архитектурата во Венеција, насловена „Интелигентни. Природни. Вештачки. Колективни.“, курирана од италјанскиот архитект Карло Рати.
„Страда бруталисма“ претставува проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната соработка за учество на Република Северна Македонија на 19. Меѓународна изложба на архитектурата и е финансиран од Министерството за култура и туризам. Проектот е во организација на Националната галерија, во соработка со Архитектонскиот факултет во Скопје, и поддржан од страна на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.

Благоја Бајковски е доцент на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Додипломските студии ги завршил во 2009 година на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје. Во 2014 година магистрира во областа на одржлива архитектура и урбанизам на Политехничкиот факултет во Милано. Во 2020 година ги завршува докторските студии на одделот за архитектура и територија при Универзитетот „Медитеранеа“ во Реџо Калабрија. Во 2018 година заедно со група автори ја курира изложбата „Бруталистичка архитектура Скопје“ во Музејот на современата уметност во Скопје, а во 2024 година и на факултетот за архитектура „Фредероко II“ при Универзитетот во Неапол, Италија. Како дел од авторски тим, учествува со проект во рамките на македонското национално претставување на 16. Меѓународна архитектонска изложба во Венеција во 2018 година, во организација на Музејот на современата уметност од Скопје, со поддршка на Министерството за култура на Македонија, под кураторство на Слободан Велевски и Марија Мано Велевска. Во 2023 година, како дел од авторски тим, учествува во Египетскиот национален павилјон на 18. Меѓународна архитектонска изложба во Венеција, во рамките на проектот раководен од професори на Факултетот за инженерство при Универзитетот „Аин-Шамс“ во Каиро, Египет, и Отсекот за архитектура на Универзитетот „Медитеранеа“ во Реџо Калабрија, Италија.

В.Д.