Интернационалниот театарски фестивал Актерот на Европа, кој што беше основан во 2003 година, кога Европскиот парламент го прогласи Препанското Езеро за Меѓуграничен европски парк, меѓу Македонија, Грција и Албанија, оваа година ќе го има своето 23. издание, со почеток на 6 јули 2025, пред „Сарајот“ во Ресен.
Фестивалот ќе започне со ретроспектива на легендарните имиња на европскиот театар, досегашни добитници на наградата за животно дело Актер на Европа.
Прво легендарно име на европскиот театар кое ја понесе оваа награда е Љуба Тадиќ од Белград, а потоа се редеа Јон Карамитру (Романија), Милена Зупанчич (Словенија), Ана Патресон (Шведска), Марсел Бозоне (Франција), Раде Шербеџија (Хрватска), Брус Мејерс (Велика Британија), Милан Кнашко (Словачка), Енико Есењи (Унгарија), Ива Јанжурова (Чешка) итн.
Оваа година наградата за животно дело Актер на Европа ја понесе познатиот актер и режисер Брајан Мајклс од Германија, за кого ќе биде прикажан уметнички портрет со сите негови театарски и сценски креации.
На свеченото отворање ќе се обратат градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски, претседателот на жирито Гоце Ристовски, а беседата за лауреатот ќе ја произнесе Јордан Плевнеш, претседателот на фестивалот.
На истата церемонија, признанието Клучевите на Преспа ќе го добијат проф. Џемс Петифер (Велика Британија), почесен професор на Универзитетот Оксфорд, автор на светскиот историски бестселер „Езерата и империите во македонската историја“ и проф. д-р Никола Јанкуловски (Македонија), догогодишен ректор на УКИМ и светски признат медицински експерт.
Традиционалната Голема повелба „Балканот –Срцето на Европа“ оваа година, постхумно ќе му биде доделена на Исмаил Кадаре, албански писател со светско реноме, којшто уште од почетокот го поддржуваше фестивалот „Актерот на Европа“, Ова признание ќе го понесат и грчкиот писател и театарски режисер Танасис Триаридис, познатиот композитор од Србија Саша Драгиќ, и проф. Љубомир Кекеновски од Македонија, Претседател на Научниот совет на Академија Балканика Еуропеана.
Во официјалната конкуренција на фестивалот оваа година вреди да се истакнат претставите: „Lebensraum,експеримент во добрина“, Tеатар Теато Парамитиас Теспротиас од Грција, „Артист на таванот“ од Косово, авторски проект на Агрон Гергури, „Нушиќ лично“, по текст и во режија на Миодраг Илиќ, Народен театар на Тимочка Краина, Србија, додека завршната вечер на 11 јули, покрај доделувањето на наградите, ќе ја одбележи и претставта „Јелена Савојска“ од Црна Гора во изведба на Јелена Ѓукиќ.
Претставници од Македонија на фестивалот оваа година ќе бидат претставите „Фетишист“, автроски проект на Здравко Стојмиров, по текст на францускиот писател Мишел Турние, во продукција на Народен театар Битола и „Сега му е мајката“ (Алтернативен театар Пробатон) по текст на Горан Стефановски.