Под наслов „Виножито“ вечерва на празникот Водици во 19 часот во Музеј-галеријата во Кавадарци ќе биде отворена самостојна изложба на ликовниот уметник Владимир Темков.
Оваа изложба вели Темков е наговестување на големата изложба која треба да се случи на 20 aприл оваа година во изложбениот салон на Чифте амам во организација на Националната галерија на Македонија.
– Станува збор за изложба на дела создадени во последнава година како едно традиционално претставување на моето творештво кое го практикувам во последните години поврзано со денот на моето раѓање на големиот христијански празник Водици. Оваа изложба е всушност претставување на мојот најнов циклус насловен како „Виножито“ што подразбира спектар на бои слеани на платното. Во делата сакам да ги спојам виното од тиквешкото поднебје со сите свои прекрасни бои, ароми и вкусови и житото од познатиот циклус на „житни полиња“ за сето тоа споено во едно го создава самиот наслов „Виножито“ – вели ликовниот уметник Владимир Темков.
Тој се надева доколку се создадат услови дека до крајот на годината ќе се реализира неговата изложба во Москва, Русија, како и изложбата во Белград, Србија. Ми.М.
.