фото: Музеј-галерија Кавадарци

Синоќа во музеј галеријата во Кавадарци во присуство на голем број ликовни уметници и љубители на уметноста беше отворена групната ликовна изложба под наслов „Боите на Св. Трифун низ делата на ликовните уметници од Македонија“ како круна на бројните културни настани кои беа организирани во неделата посветена на виното и чествувањето на најголемиот празник на лозарите.

Изложбата се состои од вкупно 76 слики изработени во најразлични техники и шест скулптури на 39 ликовни уметници од Македонија. Цели 25 години музеј-галеријата ја негува традицијата по повод празникот Св. Трифун да организира наменски и тематски изложби на ликовни дела инспирирани од вековната традиција на одгледување на виновата лоза во Тиквешкиот регион.

Според зборовите на директорот на галеријата Јаким Зимоски од минатата година оваа традиција се практикува со вклучување на повеќе академски ликовни уметници од Македонија така што ланската изложба содржеше дела од 20 автори, а годинава дури 39 актуелни современи македонски ликовни уметници.
– Со спојувањето на повеќе уметници со различни перспективи, техники и теми, овие изложби обезбедуваат платформа за истражување на индивидуалниот талент и колективна визија која ги покажува сите потенцијали и убавини на современата ликовна уметност – вели историчарот на уметност во музеј-галеријата Трајче Цветков. Тој смета дека предноста на оваа изложба е големата разновидност на секое од изложените дела што е сведоштво на уметничката слобода и можноста на едно место да се погледне широкиот спектар на ликовните естетски изрази на авторите. Во еден миг галеријата станува микрокосмос во кој уметниците разменуваат идеи и инспирациии, а посетителите имаат несекојдневна можноста на доживување на сконцентрирана уметност на едно место и збогатување на својот светоглед од областа на уметноста.
Оваа несекојдневна изложба во Кавадарци по повод празникот Св. Трифун всушност претставува ретка можност да се видат дела на толку автори во една галерија , па оттаму и тешкотијата да се одберат само неколку имиња на учесниците од кои во оваа пригода ги издвојуваме : Стефан Хаџи-Николов, Стадим Димитров, Ниче Василев, Павле Кузмановски, Синиша Кашавелски. Решат Амети, Башким Меџити, Микица Трујкановиќ, Дита Старова-Керими, Горјан Ѓорѓиев, Милан Андов, Трајче Чатмов, Новица Трајковски и секако ликовните уметници од Тиквешијата: Горан Боев, Владимир Темков, Ива Јосифова Даневски, Томе Филов, Васка Дудин, Томе Мишев и Илија Спасов Чендо.