фото: Приватна архива

Разговор со Љупка Стефановска, етнокореолог

Љубовта кон фолклорот кај Љупка Стефановска се всадува уште од рана возраст преку нејзините баба и дедо, а потоа и со членувањето во КУД „Илинден“ во кое освен неа, денес членуваат и нејзиниот сопруг и двете деца. Опширна е нејзината професионална биографија, како играорка, кореограф и етнокореолог, авторка на сценски адаптации, корепетитор, програмски уредник…Со нејзината долгогодишна и посветена работа остава трага во повеќе важни културни и образовни институции во Битола и во Македонија. Насловен доцент е на Музичката акдемија во Штип, при одделот за енокореологија, а од годинава е хонорарен професор на новоформираната насока Традициски играч и пејач при Државното музичко училиште во Битола. Годинава во рамки на програмата на меѓународниот фестивал „Илинденски денови“ во Битола, беше промовирана и книгата „Етнокореолошки аспекти на фестивалските сцени“ која претставува магисерски труд на авторката Љупка Стефановска. Токму книгата, нејзиното објавување и промовирање, но и современите аспекти во областа на сценските уметности и фолклорот, беа повод за нашиот разговор.

Што претставувала сцената во минатото, а што претставува таа денес?
– Сцената отсекогаш била простор каде што нешто се презентира пред публика. Во минатото тоа биле рурални простори – ливади, полјани, чешми, цркви, гробишта или гумна – места каде што селаните се собирале за празници, слави или по завршување на работните обврски. Овие „сцени“ имале огромна социјална улога: таму младите се запознавале, се создавале врски и бракови, а селото ја негувало својата традиција преку игра, песна и музика.
Со развојот на урбанизацијата, сцената почнува да се организира во училиштата, домовите и културните центри. Се формираат младински активи, фолклорни групи и културно-уметнички друштва, а изведбите се поставуваат на јасно дефинирани сцени. Со првите фестивали во Битола и Штип во 1947 година, започнува современата фестивалска сцена, која со текот на времето се развива и добива свој препознатлив изглед.
Денес, фестивалската сцена е најсовремениот простор за промоција, презентација и зачувување на материјалното и нематеријалното фолклорно богатство на еден народ.

фото: Приватна архива

Што опфаќа, односно кои се најбитните етнокореолошки аспекти на сцената кај нас?
– Сцената е местото каде што минатото и сегашноста се спојуваат преку традицијата. Етнокореологијата како наука ја анализира сценската изведба на ората, песните, инструментите и носиите од аспект на нивната материјална и нематеријална вредност.
Во минатото, селските собори биле клучни за пренесување на нематеријалните културни вредности. Тие не биле само места за забава, туку и за учење на ората, социјализација, создавање љубови и склучување бракови. Соборите ја оживувале традицијата – таму се ценеле свирачите, игроорците и песнопојците, а преку носиите се покажувала убавината и статусот на девојките.
Денес, иако овие собири се реткост, нивното наследство продолжува да живее преку сценската изведба и етнокореолошката анализа, која ги разгледува различните стилови, термини и околности за игра во минатото.

Кога се појавува современата фестивалска сцена кај нас и каков е нејзиниот развој?
– По Втората светска војна, со обновата на националната свест и потребата за зачувување на идентитетот, се формираат првите културно-уметнички друштва, младински активи и ансамбли. Во тој контекст, на 11 октомври 1947 година во Битола и Штип се одржуваат првите фолклорни фестивали. Првите сцени биле отворени – најчесто на спортски стадиони – но токму тие поставиле темел за развој на фестивалската традиција. Денес Македонија има голем број фолклорни фестивали, од кои дел се членки на ЦИОФФ (Интернационален совет на фолклорни фестивали).
Посебно се издвојува Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола – единствениот сертифициран фестивал, кој по услови, времетраење, број на учесници и посетеност, претставува највисоко ниво на сценско презентирање на фолклорот.

Каков е нашиот однос како граѓани на Македонија, кон етнокореологијата, но и воопшто кон фолклорот во поширок аспект?
– Ние сме народ кој искрено ја сака и негува својата традиција. Доказ за тоа се бројните културно-уметнички друштва, ансамблот „Танец“, но и воведувањето на етнокореологијата во образованието. Во 2001 година беше отворена насока за традициски играч и пејач во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје, во 2007 година и Оддел за етнокореологија на Универзитетот во Штип, а од оваа 2025 година започнува насока за традициски играч и пејач и во Државното музичко училиште во Битола. Сметам дека токму преку образованието најдобро се пренесува и зачувува традицијата, особено на младите генерации.

Каква е улогата и кои се обврските како и можностите на еден етнокореолог?
– Улогата на етнокореологот е да ја истражува, документира и сценски да ја презентира традицијата, со цел таа да се зачува и пренесе на идните генерации. Иако теренските истражувања денес се поретки, тие се исклучително важни за архивирање на материјалот и негово чување од заборав. Етнокореолозите работат во ансамбли, КУД-ови, домови на култура, музеи и фестивали, каде што своите истражувања ги преточуваат во сценски адаптации, програми, изложби и едукативни активности. Особено значајна е и нивната улога во образованието – предметот „Народни ора и танци“ веќе е застапен во основното образование, но сметам дека треба да биде редовен предмет од прво до деветто одделение.

фото: Приватна архива

Кој е вашиоот став кон денешното популарно обработување на македонски народни песни со современи и нетипични арамнжамани?
– Доколку обработката има за цел да оживее заборавена песна и да ја зачува од заборав, тоа е прифатливо – но секогаш со соодветни и внимателни аранжмани. Сè што оди во насока на радикални измени, според мене, претставува нарушување на традиционалните музички вредности.

Што може да се направи и со што може да се збогати македонската фолклорна сцена? Какви се нашите фолклорни фестивали?
– На фестивалите треба да се промовира автентичниот фолклор – со оригинални ора, песни, носии и инструменти. Иако кореографските постановки имаат своја вредност, зачувувањето на автентичната форма треба да биде примарна цел. На тој начин најдобро го чуваме сопствениот идентитет.

Дали се работи на поставување на кореографии на ора од нашите современи композитори како Тале Огненовски, Милан Зафков, Благоја Десковски, Ферус Мустафов?
– Делата на композиторите како Тале Огненовски, Милан Зафков, Благоја Десковски или Ферус Мустафов се врзани за современи инструменти. Тоа се народни, но не и традиционални ора. Традиционалните се изведуваат на гајда, зурла, тапан, кавал… Доколку се прават кореографии на овие современи ора, тоа претставува нов пристап кон кореографирањето, различен од оној врз традиционална изведба.

Имате ли податок која е најизведувана и најадаптирана кореографија на македонската фолклорна сцена?
– Ако изведбата е во својата автентична форма – соодветна носија, оригинална музичка придружба и без големи измени – тогаш зборуваме за сценска адаптација. Ако пак има современи инструменти, аранжмани и измени во структурата на орото, тогаш тоа е кореографија. За тоа која е најизведуваната кореографија, немам конкретен податок.

Според рецензентот Јаневски овој труд е прв, кој од етнокореолошки
аспект ги разработува фестивалските сцени, оставајќи податлив етнокореолошки материјал, кој може да послужи како база за други истражувања, кои се однесуваат на фестивалите и фестивалските сцени, како и сценското презентирање. Па во тој контекст, во која насока продолжуваат вашите истражувања од оваа област?
– Мојата иднина ја гледам во анализа на постојната фестивалска сцена во Македонија – нејзините класификации, категоризации, можности и перспективи. Верувам дека оваа област нуди многу предизвици и голем потенцијал за понатамошни истражувања.