БЛАГОЈ НАЦОСКИ, ТЕНОР

Светскиот тенор Благој Нацоски гостува во Скопје, во рамките на програмата на новата концертна сезона на Филхармонијата. Вечерва тој ќе настапи како солист на концертот на Филхармонијата, а утре ќе го изведе циклусот „Убавата воденичарка“ со пијанистот Лука Чамаруги, кој исто така ќе настапи како солист на првиот концерт. Нацоски ќе изведува вокални песни од Шуберт, а диригент е неговиот братучед Виктор Митревски.

Како дојде до оваа заедничка средба на сцена со Виктор, дали беше случајна или не?
– Всушност ова е прва соработка со Виктор како диригент и тоа особено ме возбудува. Виктор гради одлична кариера во Австрија, но досега нашите професионални патишта никогаш не се вкрстиле, а тоа важи и за неговата сестра Елена, врвен диригент и хор-мајстор во Виена, Овиедо, Лион и во Малме. Се надевам дека наскоро ќе имам можност да настапам и со неа. Лука, пак, е експерт на пијано за Шуберт и за Моцарт и би рекол дека сите коцки некако се сложија. Со Чамаруги веќе неколку години соработуваме како дуо за камерна музика. Циклусите „Зимско патување“ и „Убавата воденичарка“ ги имаме изведено повеќепати, но изведуваме и други автори секако, Бетовен, Шуман, Моцарт и други, а двата циклуса што ги споменав, понудено ни е да ги снимиме следната година, и тоа на ексклузивно пијано „стенвеј“ од 1888 година. На вечерашниот концерт за првпат во Македонија ќе бидат изведени осум вокални песни. Отсекогаш ми било предизвик и желба покрај мојата оперска дејност да изведувам и вокална камерна музика и спојот со Лука Чамаруги беше пресуден во тоа.
Пандемијата стивна, светските сцени повторно се вратија во живот. Како влијаеше овој период на вас лично, сега кога ќе погледнете од дистанца?
– Во февруари 2023 година ќе навршат 20 години од моето деби на оперската сцена во Рим и, најискрено, не би сакал овие две години никогаш повеќе да се повторат. Речиси дваесет години сум навикнат постојано да патувам. Иако во овие две години бев еден од посреќните, бидејќи покрај настапите во Македонија бев поканет од неколку театри во Италија да настапам пред телекамери без публика и да снимам неколку опери, меѓу нив и една филмувана – „Травијата“. Моментите, пак, кога не настапував ми овозможија да усовршам повеќе аспекти од моето пеење, како технички така и интерпретативни. Пејачот никогаш не запира со учење, односно усовршување, а и самите телесни промени бараат редовна (ре)адаптација на техниката на пеење.
Дали сега, кога помина тој период, жарот и жедта за настапи се зголемија?
– Жарот и жедта се огромни, следната година и половина ми е резервирана, дури и можеби премногу. Во еден момент мојот менаџер ме праша: „А да не сакаш да се одмориш малку?“ и јас му одговорив само со едно кратко „не“. Во момент сум кога имам една вокално-музичка свесност и зрелост што едноставно ми овозможуваат да си дозволам чести настапи. Истовремено, полека го зголемувам мојот оперски репертоар со улоги што досега ни на крај памет не ми паднало да ги пеам. Најавувам изненадувања за публиката.
Последниве години често сте присутен на македонската сцена. Се смени ли нешто во односот на државата и институциите кон вас во последно време?
– Има некое подобрување од некои македонски институции во тој поглед, но не е доволно. Не е доволно не само за мене туку воопшто за третманот на културата и уметниците во Македонија. А има и некои институции што треба итно да се вратат на вистинскиот колосек, односно да мислат повеќе на квалитетот на изведувачите што ги канат.
Не премолчувате неправди и секогаш јасно и гласно сте го кажувале својот став, особено кога станува збор за политички неправди… Ви помага критичноста или ви одмага?
– Не сум размислувал на тоа поле, дали ми помага или ми одмага. Јас немам влакна на јазикот и секогаш го кажувам она што го мислам. Се сеќавам пред години и на италијанскиот премиер Ренци си дозволив да му одговорам со една иронична реченица кога дојде да ми честита зад сцената во „Скала“. Моите препирања со покојниот Микис Теодоракис мислам дека позитивно влијаеја на духот кај Македонците. Со претходниот претседател на Бугарија, пак, Плевнелиев, исто така имав една мала полемика преку медиумите во Бугарија пред повеќе години, но и тоа не влијаеше негативно на мојот интегритет, напротив, ми се зголемија следбениците на социјалните мрежи од таа земја.
Имате ли некои неостварени улоги, продукции, оперски сцени што мечтаете да ги реализирате, да ги освоите?
– Во моментов сум навистина среќен и задоволен од текот на мојата кариера. Немам некои посебни мечти најискрено, односно би сакал само да се одржува ова ниво на кое настапувам и во следните 20 години. Се разбира, би ми било мило да настапам и во „Метрополитен“ во Њујорк, но не се потресувам премногу за тоа. Едно нешто, пак, што би сакал да го постигнам, иако е невозможно, е да настапувам секогаш со диригенти и режисери што јас ќе ги избирам. К.Р.