Денес е втор ден од 56-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Вечерва на програмата во официјална конкуренција се две претстави. Од 19 часот во ЦК „Марко Цепенков“ Драмскиот театар – Скопје ќе ја изведе „Се викам Горан Стефановски“, во режија на Бранислав Миќуновиќ. Од 22 часот на матичната сцена Театарот „Војдан Чернодрински“ ќе ја прикаже „Декамерон“ според Бокачо, во режија на Мартин Кочовски.
Денес напладне во рамките на фестивалот беше промовиран романот „Етапи во ноќта“ од Милош Латиновиќ.
Инаку, фестивалот беше отворен синоќа со доделувањето на наградите за животно дело на актерката Бедиа Беговска и драмскиот автор и драматург Русомир Богдановски, а честа први да настапат ја имаа актерите од МНТ со „Народен непријател“ од Ибзен, во режија на Нина Николиќ.

Отворајќи го фестивалот, градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески рече дека „Војдан Чернодрински“ е насушна потреба не само за градот, туку и за Македонија, бидејќи ја отсликува потребата од идентификација на културата и традицијата.

-Фестивалот е бренд за Прилеп, бидејќи во овој град секогаш има место за театарот – рече градоначалникот Јовчески.
Ка.М.