Со повеќе од десетминутни аплаузи и овации заврши концертот на врвниот светски диригент Зубин Мехта, кој го предводеше белградскиот симфониски оркестар, ансамбл кој предводи со својот квалитет во регионот.
Големата сала на Македонската филхармонија, овој пат исполнета до последно место, беше премала за да ги прими сите љубители на класичната музика од Скопје, Македонија и од поширокиот регион на Балканот. Извонредна организација на домаќинот, одлична акустика за едно севкупно феноменално доживување.
Со извонредниот концерт во Скопје се затвори кругот од три последователни концерти во рамките на иницијативата на „Отворен Балкан“: Белград, Тирана и Скопје, за „поттикнување на моќта на културата и креативноста и нејзината единствена способност да ги зближи луѓето во дух на меѓусебно разбирање и почит”, како што напиша македонското Министерство за култура.
Во соопштението уште се додава дека „успешното завршување на оваа серија концерти ветува добро за иднината на културната размена и соработка во рамките на „Отворен Балкан“ и дополнително ги зајакнува нивните заеднички европски аспирации”.