Форум на „Македокс“

Шестото издание на форумот „Макекопродокс“, во рамките на фестивалот „Македокс“, се одржа од 19 до 21 август во МКЦ. Главна цел на форумот е развој на стратегиски план за зголемување на копродукциите на документарни филмови меѓу балканските земји. Форумот собра на едно место претставници од регионалните филмски центри, професионалци од областа на документарниот филм и од филмската индустрија и девет проекти што се во различни фази на продукција, избрани преку отворен повик. Форумот беше отворен со претставување на проектите и авторите што учествуваа на работилницата за архивски практики во филмот „Замислување архиви“ на 15. „Македокс“, која ја модерираа Кумјана Новакова и Влад Петри. Во присуство на менторите беа претставени четири документарни филмски проекти што се во фаза на развој.
Во рамките4 на сесијата беа претставени проектите „Форгет ми нот“ на Ања Медвед од Словенија, „Џрни… фар авеј фром Африка“ на Разван Марчис од Романија, „Д гадс маст би мистејкен“ на Јакоб Кресе, како копродукциски проект помеѓу Словенија, Германија, Италија и Хрватска, и проектот „Ви хид евритинг импортант“ на Карла Црнчевиќ од Хрватска. Менторите на работилницата истакнаа дека станува збор за интересни проекти, кои заслужуваат поддршка за понатамошен развој. Модератори и ментори на тридневниот форум се Хеле Хансен (консултантка за документарен филм, поранешна филмска застапничка за документаристика во Норвешкиот и Данскиот институт), Бриџид О’Шеа (коосновачка на Документарното здружение на Европа), Зејнеп Ѓузел (програмата за таленти на „Берлинале“) и продуцентот Виктор Еде од Франција.
– Втора сесија на форумот беше панелот „Архивски материјали и дигитализација“, кој го модерираше Хеле Хансен. Учесници на панелот беа Ериона Вишка од Албанскиот национален архив, Александар Трајковски од Кинотеката на Македонија и филмските автори Кумјана Новакова и Влад Петри. Дискусијата на панелот се одвиваше помеѓу две позиции – потребата за дигитализирање на архивските снимки и потребите на филмските автори. Влад Петри и Кумјана Новакова низ искуствата на своите филмови „Помеѓу револуциите“, односно „Молкот на разумот“, истакнаа дека авторите се соочуваат со многу тешкотии во наоѓањето архивски материјали за своите филмови. Ериона Вишка од Албанскиот национален архив објасни дека 70 проценти од материјалите што ги поседуваат веќе се дигитализирани и објавени во каталог. Претставникот на македонската кинотека, Александар Трајковски, рече дека неговата работна позиција е на дигитализација на архивски материјали и дека прават сѐ што е можно во условите во кои се наоѓа неговата установа да се дигитализираат повеќе архивски снимки – велат организаторите.

Третата сесија на форумот беше со акцент на презентација на документарните архиви преку „Док архив маркет“, кој беше презентиран од директорката на „Док индустри“ на фестивалот „Док Лајпциг“, Надја Тенстед. Таа ги претстави сите сегменти на професионалниот маркет за архиви, кој ќе се одржи од 28 октомври до 3 ноември годинава. На маркетот се вклучени најголемите светски платформи за фотографија и видео, со нивните архиви што се создавани со години. Директорката Тенстед истакна дека маркетот е создаден за да се избегне комплексниот бирократски апарат за добивање информација од државните архиви и да се даде можност за полесен пристап до приватните архиви.
– Дел од истата сесија беше и презентацијата на „Документарница“, лабораторија за развој на документарни филмови од Словенија, која е создадена од Словенечкиот филмски центар и Друштвото на режисери од Словенија. Презентацијата ја одржа режисерката Петра Селишкар. Станува збор за заедница на словенечките документаристи, кои наоѓаат нови и креативни форми на заемна поддршка во процесот на создавање на креативните документарни филмови. Во рамките на четвртата сесија на 19 август, во соработка со Францускиот институт и Француската амбасада, се одржа панел помеѓу претставници на балканските филмски центри и продуценти од Франција, а на панелот се зборуваше за договорите за копродукција помеѓу балканските држави и Франција. Модератор на сесијата беше Хеле Хансен, а учествуваа францускиот продуцент Виктор Еде, продуцентката Морана Икиќ Комљеновиќ од Хрватскиот аудиовизуелен центар и Јана Сари, директорка за промоција при „Хелас филм“ од Грција. Заклучок од дискусијата беше дека има многу малку копродукции помеѓу Франција и балканските држави, бидејќи француските продуценти создаваат високобуџетни продукции, а буџетските можности на балканските продуценти се мали, и тоа се причините поради кои тешко се потпишуваат договори. Хеле Хансен инсистираше да се најде начин како да се надмине проблемот – велат од „Македокс“.
Форумот продолжи и на 20 август, со поединечни пичинг-сесии помеѓу филмски автори носители на проекти и професионални претставници од филмски центри, продукции и фестивали. В.Д.