„Арт ареа/Артерија“ e книжевно-мултимедијален фестивал што веќе девет години по ред континуирано ја промовира современата парадигма на интегративно и интерактивно културно дејствување. Како и секоја година, фестивалот ќе биде точка на пресек на различни културно-уметнички полиња. Традиционално, освен книжевноста, која е постојан елемент на фестивалот, и годинава „Арт ареа/Артерија“ е планиран со богата програма од различни културни зони. Фестивалската тема годинава е „Македонската алтернативна музика“, на која преку неколку тематски настани и концерти во живо ќе ѝ биде посветен вториот фестивалски ден.
– Ќе имаме можност да проследиме изложба на фотографии, шест книжевни разговори, музичка панел-дискусија, музички видеоартови, поетско-музички перформанс и концерти од млади македонски музичари, актуелни на македонската алтернативна сцена. Ни претстојат три дена дружење, безброј инспиративни разговори и убави идни соработки – соопштуваат организаторите.
Фестивалот се одржува во кафе-книжарницата „Буква“, каде што ќе биде поставена изложбата на фотографии „Состојба на нештата – возила“ од Наташа Гелева-Лени.
В петок, од 19 часот, програмата почнува со разговор за книгата „Опашка од конец“ од Оливера Ќорвезироска („Бегемот“, 2025), а ќе разговараат Владимир Мартиновски, Владимир Јанковски и Оливера Ќорвезироска.
Во 20 часот продолжува разговор за книгата „Потклек“ од Љупчо Петрески („Бегемот“, 2025), на кој ќе разговараат Катерина Шекутковска, Душица Лазова и Љупчо Петрески. Во 21 часот следува разговор за книгата „Небо трето“ од Ѓоко Здравески („Бегемот“, 2025), на кој ќе разговараат Николина Андова-Шопова и Ѓоко Здравески, во музичка придружба на Дејан Спасовиќ и Перица Сарџоски. Првиот фестивалски ден завршува со диџеј-сет на Мама Миха.
На 13 септември ќе има продажба на плочи и музички материјали на „Рестарт“. А потоа програмата опфаќа панел-дискусија за македонската алтернативна музика низ годините. Модератор е Јане Алтипармаков, учесници на панелот се Васко Марковски, Елеонора Стојановиќ, Раде Биковски, Филип Букршлиев и Ивица Димитријевиќ. Од 20 часот продолжува фестивалот со видеоарт-омнибус „The Hip – Reality Overdrive“ од Јане Алтипармаков, потоа соло-концерт на Мартин Џорлев, џем-сесија на колективот „Гола планина“ и концерт во живо на Маллард.
В недела, во 19 часот, ќе може да се проследи разговор за книгата „Антисвет“ од Ана Тодоровска („Илика“, 2025), на кој ќе разговараат Марија Велинова и Ана Тодоровска. Потоа следува разговор за книгата „Микроскоп, телескоп, стетоскоп“ од Васко Марковски („Бегемот“, 2025), на кој ќе разговараат Владимир Мартиновски и Васко Марковски, а за крај е закажан разговор за „Збирно место“ од Тони Димков („Бегемот“, 2025), а разговорот ќе го водат Филип Димевски и Тони Димков. С.Ј.