Интернационалната изложба на архитектурата во Венеција ќе се одржи од 20 мај до 26 ноември 2023 година, на темата „Лабораторија на иднината“, зададена од кураторката на изложбата, Лесли Локо.
– Архитектите имаат единствена можност да создадат амбициозни и креативни идеи, кои ни помагаат да замислиме заедничка, поправедна и оптимистичка иднина – вели архитектката и новелистка Лесли Локо.
Темата ги провоцира архитектите да замислат дека Венециското биенале е само по себе еден вид лабораторија на иднината, време и простор во кој се поставуваат прашања за релевантноста на дисциплината за овој свет и за светот што доаѓа. Денес зборот „лабораторија“ е општо поврзан со научното експериментирање и евоцира слики од одреден тип соба или зграда. Лесли, исто така, демонстрира решителност и храброст во користењето два злоупотребени, но незаменливи збора во нејзиниот наслов – лабораторија и иднина – за да ја врати целосната важност на нивното значење.
Инаку, шкотско-ганската архитектка, академик и новелистка Лесли Локо е назначена да го курира Архитектонското биенале во Венеција во 2023 г., со што стана првиот црн архитект што ќе го предводи настанот. Лесли Локо е родена во Данди, ќерка е на хирург од Гана и мајка од Шкотска, пораснала во Гана и во Шкотска. Локо, која е основачка на „Африкан фјучрс институт“ во Гана и главна уредничка на списанието „Фолио: џрнал оф контемпорари африкан архитекчр“, ќе го курира 18-то издание на престижната архитектонска изложба. Нејзиното назначување беше првпат одборот на Венецијанското биенале, предводен од претседателот Роберто Чикуто, да избере куратор со африканско потекло.
– Обраќајќи ви се од најмладиот континент на светот, би сакала да му се заблагодарам на претседателот Чикуто и на целиот тим на Биеналето за овој одважен, храбар избор – изјави Локо по повод назначувањето.
Културниот и расниот идентитет е важна тема во голем дел од работата на Локо и во архитектурата и во пишувањето. Локо го основаше „Африкан фјучрс институт“ во Акра во 2020 година, позиционирајќи ја Африка како „лабораторија на иднината“. Докторирала архитектура на Универзитетот во Лондон и е авторка на „Белите книги“, „Црните знаци“, како и на 13 романи, вклучувајќи го и бестселерот „Сандаунерс“.

Локо исто така дава значаен придонес во архитектонското образование, откако го основала Факултетот за архитектура на Универзитетот во Јоханесбург. Била деканка на „Шпицер скул оф архитекчр“ во Њујорк од 2019 до 2020 година, пред да поднесе оставка, која ја опишала како „длабок чин на самоодржување“. Исто така предавала на разни други универзитети низ светот.
– Именувањето на Лесли Локо за кураторка на 18-та меѓународна изложба на архитектурата е начин да се поздрави нејзиното гледање на нештата, како меѓународна личност што е способна да ја интерпретира, преку различни улоги, својата позиција во современата дебата за архитектурата и градовите – изјави Чикуто и додаде дека овој потег „го зема како почетна точка нејзиното искуство, нурнато во континент што сѐ повеќе станува лабораторија на експериментирање и предлози за целиот современ свет“.
Се очекува дека темата на изложбата ќе се надоврзе на некои од идеите истражени во изданието од 2021 година, курирано од либанскиот архитект и декан на МИТ, Хашим Саркис.
– Се појавува нов светски поредок, со нови центри на производство, знаење и контрола. Се појавува и нова публика гладна за различни наративи, различни алатки и различни јазици на просторот, формите и местата. По две најтешки и најразновидни години во живо сеќавање, архитектите имаат единствена можност да му покажат на светот што правиме најдобро: да изнесат амбициозни и креативни идеи што ни помагаат да замислиме заедничка поправедна и пооптимистичка иднина – вели Локо.


Учествуваме со симболична претстава на чардакот на „Св. Јоаким Осоговски“

Проектот „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски, 1992 – 2017“ од уметниците Минас Бакалчев, Митко Хаџи Пуља, Александар Радевски, Саша Тасиќ и Димитар Папастеревски ќе биде национален претставник на 18. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција во 2023 година.
Според описот, станува збор за проект што доловува една симболична претстава на стилизираната реконструкција на чардакот на манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, како асоцијација за лабораторија во која преку минатото ќе може да се создава иднината.
– Лабораторијата, односно работилницата во дејствувањето на Летната школа за архитектура во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ во 1992 – 2017 година, низ годините успеала да ги прошири границите на архитектурата во теоретска и во практична смисла – истакнуваат авторите.
Проектот беше единствениот доставен до отворениот Конкурс за финансирање проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за учество на Македонија 18. Венециско биенале за архитектура. Aпликацијата беше доставена од здружението за истражување на градот „Градот убав Скопје“, a комесарка е Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија.
На претходното издание, во 2021 година, македонски претставник беше проектот „Сега“ на бирото за проектирање БИНА. Куратор на 17. издание на Биеналето беше Хашим Саркис, архитект и експерт на Универзитетот МИТ во САД, со носечка тема „Како ќе живееме заедно?“ Македонскиот дел од изложбата беше дело на група архитекти предводени од Бекир Адеми, куратор. Проектот „Сега“ беше симболична претстава на еден отсечок од мноштвото и непосредна асоцијација на човековата идеја за дом и соживот.