Во организација на Националната галерија, во рамките на Гевгелија – град на културата, и во коорганизација на ЈОУ Дом на културата „Македонија“, во Музејот Гевгелија, уметничка галерија „Амам“, е поставена изложбата „Апотеоза на пределот“ на Кирил Гегоски, која е поддржана од Министерството за култура и туризам и од Општина Гевгелија.
Пределите на Кирил Гегоски, ослободени од своите физички граници и изведени до апстракција, говорат, пред сè, за состојба во која реалноста се преобликува во нова онтолошка метареалност. Деконструирајќи го пејзажот и повторно градејќи го преку симплифицирање на мотивот, со определени деформации и стилизација на формите, тој постигнува ефект на преобразба на пределот, се сосредоточува на неговото внатрешно доживување, трансформирање и трансцендентирање.
Личното доживување, дејствување и творење, како и модалитетот на тематското конципирање и самоистражување на предметниот свет во ликовното пренесување на преданието за уметноста, е конципирачкиот елемент во творештвото на Кирил Гегоски. Неговото творештво е трага на создавачкиот елемент, односно антрополошко лоцирање и рекогностицирање на личната духовна меморија и архива.
Дискусијата за творештвото на Кирил Гегоски е вистински предизвик, бидејќи пред себе имаме едно искрено авторско кредо, кое произлегува од посветениот уметнички инстинкт, творештво во кое филозофско-интелектуалниот призвук на мошне суптилен и ненаметлив начин се спојува со естетското чувство на авторовиот израз. Неговото сликарство е промислено, динамично и наедно смирено, но и експресивно, полно со трепет, со асоцијативна наративност, понекогаш импулсивно, препуштено на моментот на соочување на уметникот со платното, на решавањето на предизвиците што произлегуваат од самиот процес на создавање на делото и на авторовиот спој на рациото со ирационалното, на свесното и несвесното во чинот на уметничката креација. Во неговите ликовни творби се инкорпорирани елементи од стварноста (предели) преобразени во симболички знаци, кои раскажуваат за фрагменти од сеќавањето, интимноста, личниот простор, запрениот миг на времето, еден вид емотивен пејзаж на душата и духовноста. Гегоски го доживува делото во текот на сликањето. Тој во исто време црта, бои, слика, визуализира и субјектот/објектот не го предава во неговата дескриптивност, туку низ сопствената перцепција.
Минимализмот во неговите пејзажи, во основа, говори дека екстремната едноставност може да ја долови целата возвишена претстава потребна во уметноста. Тоа би било еден вид искуство на состојба на транс, во некакви димензии на потсвеста.
Изложбата ќе биде поставена до 3 ноември 2025 година. Куратор на изложбата е Горанчо Ѓоргиевски, кустос во Националната галерија.