По повод 105-годишнината од постоењето на Филозофскиот факултет во Скопје, Институтот за класични студии организира натпревар за учениците од средните училишта во Македонија, насловен „Античка приказна инспирирана од фотографија“.
Целта на натпреварот е преку фотографијата и креативното пишување да се поттикне интересот на младите за античкото наследство и култура.
Заинтересираните ученици, во координација со своите наставници, треба да направат фотографија на антички локалитет, артефакт или оригинална уметничка фотографија инспирирана од антички мотиви, а потоа, врз основа на фотографијата, да изработат кратка и оригинална приказна инспирирана од неа.

– Идејата е децата самите да тргнат во својата околина, со свои очи да го откријат културното и античкото наследство и преку фотографијата да го доживеат на личен начин. Со оглед на тоа што во нашата земја има огромен број локалитети, ова е одлична можност средношколците да се запознаат малку повеќе и да станат свесни со какво богатство располага нашата земја – вели проф. д-р Даниела Тошева од Институтот за класични студии.
Професорката нагласува дека фотографиите не треба да бидат преземени од интернет, туку да бидат лична и оригинална креација на учениците.
– Со тоа се поттикнува нивната љубопитност, активност и одговорност кон културното наследство, а тоа ги прави младите да не се само пасивни набљудувачи, туку активни истражувачи на просторот во кој живеат. Во овој случај не е важен квалитетот на фотографијата, туку резултатот од фотографијата, а тоа е приказната. Значи, врз основа на направената фотографија, учениците треба да напишат кратка приказна, која е оригинална и авторска. Текстот не треба да биде долг. Напротив, идејата е во неколку пасуси да се искаже креативна мисла, впечаток, приказна или интерпретација инспирирана од античкиот свет. На тој начин сакаме да покажеме дека и кратката форма може да биде силна, значајна и автентична – вели Тошева.
Право на учество имаат сите средношколци од Македонија, во координација со своите професори, и не само оние кои што предаваат класични јазици, туку сите средношколски професори кои во својата настава имаат содржини што се однесуваат на антика, на Стара Грција, на древниот Рим.
Крајниот рок за пријавување е 31 јануари 2026 година, а резултатите ќе бидат објавени на 10 февруари. Завршниот настан, на кој ќе бидат доделени награди за најдобрите трудови, ќе се одржи на 12 февруари 2026 година, на Филозофскиот факултет во Скопје, со можност и за онлајн следење.
Сите учесници ќе добијат електронски сертификат, како признание за нивниот труд и креативност.


































