Со видеообраќање присутните на концертот ги поздрави синот на Ѓорѓи, Благоја Димчевски, а на неговата внука Весна, која допатува од Холандија, ѝ беше врачена благодарница за сите 25 креативни години што нејзиниот дедо му ги подарил на „Танец“ и оставил неизбришливи траги
Во годината кога националниот ансамбл „Танец“ одбележува 75 години постоење, на својата публика кај нас и во светот, ѝ приредува бројни концерти за паметење. Еден од нив се случи вчеравечер во Македонскиот народен театар во Скопје, насловен „Седенка се збира“, кој беше посветен на 100-годишнината од раѓањето на Ѓорѓи Димчевски (1924-2006), легенда на македонската народна музика, на која ѝ го посвети целиот свој живот, оставајќи неизбришлива трага во работењето на „Танец“, но и во македонската култура вопшто.
Најпрво го погледнавме документарниот филм за неговиот живот и работа, за кој сценариото го напиша м-р Бранка Костиќ-Марковиќ, уметнички раководител на сценско-ументичка дејност во ансамблот, а користени се видеоматеријали од „Танец“, МРТ, „Телма“ и од приватната архива на семејството Димчевски.
Па така, потсетувајќи се за големината на Димчевски, дознавме дека од вкупно 50 творечки години, четврт век бил раководител на оркестарот во „Танец“, солист на виолина и тамбура, мелограф, аранжер на песни и инструментални мелодии, но и автор на музички обработки на цели кореографии, од кои во живо ги проследивме: „Водарки“, „Осоговка“, „Маровска тресеница“ и „Жетварка“, отсвирени и одиграни од Народниот оркестар и од игроорците на „Танец“.
Од машките од од женските пејачки групи слушнавме и сплет на народни песни, запишани, обработени и сочувани од заборав токму од Ѓорѓи Димчевски, повеќето сочувани и во неколкуте книги што ги напишал, меѓу кои е и „Вие се оро македонско“, како што се: „Не се бели Маре мори“, „Елено ќерко“, „Ој Јано, Јано“, „Марика мома убава“, „Не стој Доне, Донке“…
И уште еднаш се уверивме во вонвремеската убавина на македонскиот фолклор, со кој од колено на колено, од генерација на генерација, продолжува да се раскажува македонската автентична, не само музичка, туку и идентитетска приказна.
Убавината на музиката, но и изведбата на ората, на носиите, стаменоста на игроорците, не само што ги раздвижија дамарите во нашите души, туку уште еднаш го запалија она оганче, што сѐ уште кај сите нас ја чува жива љубовта за Македонија и за нејзината културна вредност, препознаена и во светски рамки, и преку настапите на „Танец“.
Многу достоинствено и свечено му беше оддадена почит на Ѓорѓи Димчевски, баш онака како што заслужуваат луѓе како него, кои целиот свој живот го посветија на зачувувањето на чистотата на македонските фолклорни бисери.
Со видеообраќање присутните на концертот ги поздрави неговиот син Благоја, меѓународно познат виолинист, педагог и концерт мајстор, кој денес живее и работи во Франција. Внуката Марија, ќерка на Благоја, е пијанистка, а синот Александар е исто така виолинист и камерен музичар.
Но и неговиот брат Кире, кој е починат, свирел на пијано и благодарение на својот впечатлив тенор членувал во октет „Македонија“ и во хоровите на Македонското радио и на Македонската опера. Неговиот син, Ѓорѓи, кој го носи гордо името на дедо му, е врвен виолинист, а живее и работи во Шпанија, со настапи низ целиот свет, а сестра му Весна е пијано-педагог и живее во Холандија. И нејзе ја слушнавме во видеообраќање, каде се потсети на својот дедо и на тоа како од него научила дека дисциплината е најважна, за да успеете во професијата.
На изненадување на сите, Весна, која допатува од Холандија, ја видовме и на сцената, каде ѝ беше дадена благодарница од „Танец“, што ѝ ја врачи директорот на ансамблот Мартин Вучиќ.
– Во име на цела фамилија Димчевски, што се тука во салата вечерва, и во мое, се заблагодарувам на оваа голема чест, на организирањето на овој прекрасен концерт. На „Танец“ му посакувам уште успеси на светска сцена, и да продолжиме да уживаме во неговите настапи, бидејќи тој е македонска гордост – рече Весна, видно возбудена, заблагодарувајќи се.
Да се надеваме дека во иднина и други заслужни македонски културни дејци, нема да бидат заборавени, бидејќи без вакви големи луѓе, како што е Ѓорѓи Димчевски, кои за идните генерации го сочуваа македонското творештво, нашата сегашност, но и иднина би биле многу посиромашни.