Македонска филхармонија
„Дамар на слободата“ е насловен концертот што ќе се одржи вечерва, со почеток во 20 часот, во Македонската филхармонија, на кој како солисти ќе настапат двајца исклучителни македонски пијанисти – Анастасија Грговска и Шкељзен Бафтијари. На програмата се „Свечена увертира“ од Дмитри Шостакович, Концертот за две пијана и оркестар во де-мол од Франсис Пуланк и „Енигма варијации“ од Едвард Елгар. Концертот ќе го води маестро Конрад ван Алфен од Холандија.
Конрад ван Алфен е „инспиративен диригент што прави нештата да се случуваат“, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признаен оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорашните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф диригент на државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што добил награда за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на Московското филхармониско здружение,во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“.
Анастасија Грговска во 2013 година дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Марија Ѓошевска. Добитничка е на голем број награди и признанија на државни и на меѓународни натпревари. Зад себе има голем број солистички концерти во Куманово, Скопје, Велес, Прокупље, концерти со камерни состави и настапи на реномирани фестивали како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Денови на македонска музика“ и „Есенски музички свечености“. Дел е од камерното дуо „Дистанца“ со пијанистката Бриџида Мијоре од Италија. Активно се занимава со педагогија и корепетиција.
Шкељзен Бафтиари дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Борис Романов, и завршил постдипломски студии во класата на светски познатиот пијанист Симон Трпчески, со кого сѐ уште има добра соработка. Пијано почнува да учи на десетгодишна возраст со проф. Симона Зафировска во ДМУ „Тодор Скаловски-Тетоец“ во Тетово. Добитник е на повеќе меѓународни награди во Париз, Рим, Торино, Пловдив, Благоевград и Белград.