Жирито во состав Илдико Ењеди, унгарска режисерка и претседателка на жирито, Аида Бегиќ, режисерка и сценаристка од Босна и Херцеговина, Паво Маринковиќ, режисер од Хрватска и уметнички директор на филмскиот фестивал во Пула, Симоне Стараче, режисер од Италија и директор на „Фантафестивал“ од Рим, и Елеонора Венинова, македонска режисерка, на свеченоста организирана во Кинотеката на Македонија ги соопшти годинашните добитници на наградите на фестивалот „Киненова“. Тие рекоа дека имале можност да погледнат 15 навистина прекрасни кратки филмови и осум исклучителни долгометражни филмови и успеале да дојдат до консензус.
Главната награда ја доби филмот „Анадолиски леопард“, на режисерот Емре Кајис, кој прикажува еден поинаков свет, свет на пропуштени можности. Наградата за најголемо уметничко достигнување му ја доделивме на филмот „Чичко“, на режисерскиот двоец Давид Капац и Андрија Мардешиќ, која се одлучивме да ја доделиме поради навистина исклучителното уметничко достигнување во еден уникатен и конзистентен аудиовизуелен свет. Наградата за најдобар режисер ја доби романската режисерка Моника Стан за филмот „Безгрешен“, која симпатично ја долови емоцијата во филмот – соопштија членовите на жирито.
Аида Бегиќ го соопшти добитникот на специјалната награда во категоријата кратки филмови.
Специјалната награда му ја доделивме за филмот „Обичната Ели“, на режисерката Лавинија Софрониевска, за нежниот и симпатичен портрет на извонредната протагонистка – рече Бегиќ.
Жирито се одлучи да награди уште два филма во категоријата кратки филмови.
Многу дебатиравме кој да ја добие оваа награда, бидејќи конкуренцијата беше голема, и на крајот одлучивме да ја поделиме и да ја добијат следниве два филма: „Нов Вавилон“ на режисерот Гидеон ван дер Стелт, за одлично креираната магична тема на отуѓување, и филмот „Три зрна сол“ на Ингрид Чикуи, за прекрасното нурнување во детскиот свет – соопшти Паво Маринковиќ.