Во Античкиот театар ќе биде приредено исклучително музичко-визуелно доживување, со импресивни видеопроекции и со употреба на најсовремени визуелни технологии

Американска пијанистка со блескава уметничка кариера Клер Хуангчи ќе го отвори јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“, на 12 јули, во Античкиот театар во Охрид, информира директорот на националната установа „Охридско лето“, Ѓорги Цуцковски.
– За свеченото отворање под наслов „Трансформација на сетилата“ со особена чест ги најавувам Едвин Оутвотер, диригент, Клер Хуангчи, пијано од Соединетите Американски Држави, оркестарот на Македонската филхармонија и Рафаел Карико, визуелен дизајнер. На Античкиот театар ќе приредиме исклучително музичко-визуелно доживување, со импресивни видеопроекции и со употреба на најсовремени визуелни технологии. При конципирањето на програмата се запазени највисоките критериуми на фестивалот, со што со гордост го најавувам кремот на светската музичка елита во Охрид. Би ги издвоил најеминентните пијанисти Михаил Пљетњов, Лукаш Вондрачек, виолинистите Вадим Глузман и Џек Либек, виолончелистот Даниел Мулер Шот, како и легендарната кастањета уметница Лучера Тено во дуо со еден од најзастапените светски харфисти Хавиер де Маестре, како и многу други. Особено сум горд на гудачкиот квартет на кралскиот Концертгебау од Холандија, како и на оркестарот Симфониета ди Болоња како претставници на најпрестижните национални оркестри во светот воопшто. Претстава за деца, како и два џез-концерта, меѓу кои еден на познатиот охридски уметник Дамјан Пејчиновски, како и настап на Националниот џез-оркестар со големата ѕвезда Шеон Кути претставуваат збогатување на програмата, со тенденција да се допре и до најсофистицираните уметнички уживатели – најави директорот Цуцковски.
Првиот човек на НУ „Охридско лето“ соопшти и дека годинашното јубилејно 65. издание на фестивалот ќе биде одбележено со богата роденденска програма.

– „Охридско лето“ првпат излегува од рамките на познатите сцени, со што на 3 август го презентираме мегаспектаклот Кармина Бурана – Симфонија на битовите, во изведба на повеќе од 70 уметници на сцена, заедно со познатото електронско дуо „Ајдикју“ од Србија, со што наедно ќе ја започнеме и прославата по повод роденденот на фестивалот, кој идниот ден ќе биде прославен онака како што е и формиран, со рецитал на оперска пеjачка, тогаш истакнатата Ана Липша–Тофовиќ, а сега со нашата примадона со најголема интернационална кариера и бисерен глас Ана Дурловски – појасни директорот Цуцковски.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков потенцира дека „Охридско лето“ е едно од најзначајните културни случувања во нашата земја.
– „Охридско лето“ е многу повеќе од фестивал, тоа е симбол на културната зрелост на нашата држава, симбол на отвореноста кон светот, симбол на врвната уметност и културен амбасадор на нашата земја. И годинава фестивалот ќе донесе програма што го задржува врвниот уметнички стандард, но и ќе ја отвора вратата за нови културни перспективи. Како што истакна и директорот, ќе имаме уметници од меѓународен ранг, но и македонски имиња што блескаат на светските сцени, солисти, оркестри, театарски ансамбли, модерни проекти и традиционални изведби – кажа министерот Љутков.
Како што рече селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Симона Ѓорчева, музичката програма годинава ќе понуди 29 музички настани, со учество на повеќе од 300 уметници од САД, Кина и Европа. Целта, според неа, е да се создаде платформа за културна размена на врвно ниво, со уметници чиј втор дом се најреномираните светски концертни сали.

– Програмата ја изработивме со огромен и интензивен ангажман, во тесна и секојдневна соработка со сите засегнати страни и институции, постојана размена на идеи и информации, како и детално усогласување на музичко-културните аспекти и особености со директорот Цуцковски. Благодарение на оваа динамична тимска работа, за рекордно кратко време успеавме да составиме програма што, верувам, ќе ја одобри и ќе ја воодушеви и публиката – рече Ѓорчева.
Според селекторот на драмската програма, Ненад Витанов, фестивалот е конципиран како меѓународна уметничка платформа за промоција и изведба на најдобрите уметнички дела од Македонија и светот.
– Годинава во драмската програма ќе имаме чест да проследиме мозаик од најразлични жанрови и стилови, уникатни креации на врвни актери, иновативни и современи читања на класични и современи дела на светскиот театар, постановки на мајстори на режисерскиот занает, визуелни слики што креираат нов свет пред нашите очи. Сигурен сум дека ќе биде провокативно и инспиративно за театарската публика да се проследат дејствата на претставите што се протегаат низ пет века, актуализирајќи ги одново вечните човекови сомнежи, копнежи, идеали, разочарувања, воздигнувања, стремежи, очекувања, откажувања, борби, победи, порази, уверувања, жртвувања, мечтаења, соништа… – кажа драмскиот селектор Витанов.
Како и музичката, и драмската програма ќе понуди незаборавни мигови за публиката од сите возрасти. Годинава на „Охридско лето“ ќе бидат одиграни две премиери, театарската претстава „Амадеус“ во продукција на Турскиот театар од Скопје и театарската претстава „Рута“ во продукција на Драмскиот театар од Скопје, а европска премиера ќе има и театарската претстава „Електра“ во продукција на Театарската асоцијација од Јужна Кореја и НУ „Охридско лето“. Покрај тоа што најмладата публика ќе ужива во театарската претстава на „ОХО продукција“, сите уживатели на театарот ќе имаат можност да ја видат претставата што е најнаградувана годинава и наедно е и претстава на годината, „12“, во продукција на Македонскиот народен театар. Ќе биде изведена и монодрамата „Сите најубави нешта“ со Игор Ангелов.