Заврши Драмскиот аматерски фестивал во Кочани

  • За ДАФ да продолжи да расте и да се издигне на повисоко ниво, потребни се системска и институционална поддршка – стабилно финансирање, современи услови за работа и посилна медиумска видливост. Нашата визија е фестивалот да се позиционира како регионален центар на аматерскиот театар, со резиденцијални програми, едукативни сесии и можности за младите уметници. Веруваме дека ДАФ може да стане пример како љубителскиот театар создава професионални вредности и ја збогатува културната сцена во целина, споделуваат од ДАФ

Неделава се одржа 62. издание на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ) во Кочани.
Како што ни споделија организаторите, годинашното издание беше реализирано со богата и внимателно селектирана програма што ја претстави разноликоста на аматерскиот театар во нашата земја и пошироко.
– Оваа година, поради состојбата со дел од просториите и инфраструктурата во Кочани, не успеавме да реализираме работилници и дополнителни активности како во минатите изданија. Сепак, фестивалската програма беше интензивна, со внимателно избрани претстави од цела Македонија и од странство. Публиката имаше можност да види квалитетни аматерски продукции, кои го претставуваат најдоброто од театарската посветеност, креативност и љубов кон сцената – споделуваат од Драмскиот аматерски фестивал.
Од ДАФ дополнуваат дека организирањето еден ваков фестивал е од огромно значење бидејќи аматерскиот театар е основата на сценската уметност – местото каде што се раѓа љубовта кон театарот, каде што многумина ги прават своите први чекори и каде што публиката ја чувствува најчистата форма на уметнички израз.
– Она што нѐ поттикнува од самиот почеток е желбата да создадеме простор каде што талентот и ентузијазмот се вреднуваат еднакво со професионализмот. Нашата мотивација и понатаму е иста – да го чуваме духот на аматерскиот театар и да му дадеме видливост, достоинство и поддршка – подвлекуваат организаторите.
Право на учество на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија во Кочани имаат аматерски театри, работилници, драмски секции, студија, групи и другарства, експериментални и алтернативни сцени и други форми на самостојно сценско изразување и организирање на територијата на Република Македонија и во странство, кои творат во полето на драмскиот аматеризам во категориите: театар за деца и младинци, драмски аматеризам со елементи на традиционални, модерни, авангардни и експериментални сценски изразни средства и модели.

– Меѓународното учество е големо збогатување за фестивалот. Присуството на групи од странство овозможува размена на култури, идеи и сценски пристапи, што му дава на ДАФ поширок и посовремен контекст. За нашите учесници и публика тоа е можност да се запознаат со различни театарски традиции и да градат меѓународни пријателства и соработки. Така, ДАФ не е само национален туку и културен мост меѓу регионот и пошироко – нѐ информираат организаторите.
На Драмскиот аматерски фестивал на Македонија се охрабруваат различни сценски форми покрај традиционалниот театар.
– Иако драмската форма останува во центарот на фестивалот, охрабруваме и понови сценски изрази – физички театар, импровизација, перформанс, визуелен и музички театар. Веруваме дека сцената треба да биде отворена за секоја форма на креативност што ја носи искрената потреба за изразување. Таа разновидност е токму она што му дава современ дух на фестивалот и го прави привлечен за нови генерации на уметници – велат од ДАФ.
ДАФ е фестивал со долга традиција и длабоки корени во културниот живот на Кочани и Македонија.
– Од своето прво издание до денес, тој прерасна од локална иницијатива во значаен национален настан што собира театри од сите краишта на земјата и пошироко. Во текот на децениите, фестивалот растеше и се менуваше – технички, организациски и уметнички – но никогаш не ги изгуби својот дух на заедништво, љубов кон театарот и почит кон луѓето што создаваат со срце – велат од управата на фестивалот.
Најголеми предизвици се недостигот од финансиски средства, просторни и технички услови, но и ограничената можност за континуирана едукација.
– И покрај тоа, аматерските групи опстануваат благодарение на искрената посветеност и љубовта кон театарот. Тој ентузијазам е нивната најголема сила и доказ дека уметноста не зависи само од ресурсите туку и од волјата и заедништвото.
За ДАФ да продолжи да расте и да се издигне на повисоко ниво, потребни се системска и институционална поддршка – стабилно финансирање, современи услови за работа и посилна медиумска видливост. Нашата визија е фестивалот да се позиционира како регионален центар на аматерскиот театар, со резиденцијални програми, едукативни сесии и можности за младите уметници. Веруваме дека ДАФ може да стане пример како љубителскиот театар создава професионални вредности и ја збогатува културната сцена во целина – дополнуваат од ДАФ.