„Букстар“ 2024: Книжевен спектакл од кој се излезе со слатка преобразба
„Букстар“ во изминатите десет години се трансформираше во уникатен книжевен спектакл кој во четири фестивалски денови донесе полни сали и полни срца. Тоа е главниот впечаток на учесниците и посетителите на десетото, јубилејно издание на Фестивалот на европска литература, кој се одржуваше од 30 септември до 3 октомври под мотото „Метаморфозис“ или „Преобразба“ а во чест на стогодишнината од смртта на Франц Кафка. Покрај тоа, во исто време се одбележаа и 25 години од постоењето на издавачката куќа „Антолог“, организаторот на овој Фестивал.
Богатата и ексклузивна програма беше причина за секој љубител на книгата да најде свое катче каде што ќе си го инспирира умот и душата, така што буквално секој настан бликаше со позитивна енергија и публика што го добила она за што дошла.
Врвни европски автори донесе годинешниот фестивалот: Мирженка Чехова (Чешка), Паола Перети (Италија), Кристијан Новак (Хрватска), Фарук Шехиќ (Босна и Херцеговина), Игор Маројевиќ (Србија), Румена Бужаровска, Жозе Луиш Пејшото (Португалија), Здравка Евтимова (Бугарија) и Јон Калман Стефансон (Исланд), како и Алесандро Барико (Италија). Секако, фестивалот немаше да биде она што е, ако дел од него не беа и бројни домашни автори и уметници.
Голем дел од странските писатели за првпат дојдоа во Скопје и на заминување искажаа восхит и задоволство од атмосферата и организацијата на фестивалот, особено третиот фестивалски ден кога заеднички уживаа во македонската музика, создавајќи незаборавни моменти. Фарук Шехиќ помина дел од своето слободно време ловејќи риба со локални рибари, додека бугарската авторка Здравка Евтимова беше воодушевена од топлината и срдечноста на луѓето и напомна дека ова ќе израсне во фестивал од европско рамниште. Мирженка Чехова беше изненадена од големината и посетеноста на „Букстар“, додека италијанската писателка Паола Перети ги охрабри читателите да продолжат да читаат и да ги следат своите соништа. Португалскиот писател Жозе Луиш Пејшото ќе ги памети новите пријателства што ги стекнал за време на фестивалот, како и македонските читатели со кои се запозна. Српскиот писател Игор Маројевиќ ќе остане со сеќавање на вкусната пастрамајлија што ја пробал, додека Алесандро Барико искажа огромна благодарност за доделената специјална награда и кажа дека во иднина ќе сака и физички да го посети Фестивалот. Добитникот на наградата „Букстар“, Јон Калман Стефансон од Исланд, ни призна дека ова е нешто поразлично од сето она на кое има присуствувано и ги поттикна читателите што повеќе да читаат.
Покрај авторите, дел од фестивалот беа и реномирани европски издавачи, така што претставниците на издавачките куќи и авторите имаа можност да се сретнат со Надеж Агило (Франција) – извршна директорка на издавачката куќа „Агило“ од Бордо; Тино Шленх (Австрија/Германија) – куратор за книжевната програма на „Културзомер“ – Виена, Австрија; Џорџа Спадони (Италија) – преведувач и надворешен соработник за издавачката куќа „Ботега Еранте“ – Удине, Италија; Манол Пејков (Бугарија) – сопственик на издавачката куќа „Жанет 45“ – Пловдив и на Софиската книжевна агенција – Софија, Бугарија; Бенјамин Лангер – преведувач од македонски на германски јазик и соработник на „Традуки“.
Првиот фестивалски ден го отвори македонската писателка Румена Бужаровска. Пред бројните гости, писатели, поети, преведувачи, издавачи, но и вљубеници на пишаниот збор, во својот говор се осврна на проблемите во литературата и во преведувањето, за (не)профитабилноста и луксузот да се биде дел од оваа уметност.
Свое обраќање имаше и основачот на фестивалот и главен уредник на „Антолог“, Жарко Кујунџиски, кој ја истакна важноста на овој јубилеј, и изрази благодарност до сите што досега го поддржаа овој фестивал.
– „Букстар“ е десет години инспирација. Инспирација за писателите, за читателите, за премолчаните и инспирација за заборавените. Кого сè инспираше „Букстар“? Најпрво сите нас тука, од вредните тимови што стоеја зад фестивалот, до целата книжевна, медиумска и општествена јавност. Но ги инспирираше и гостите од секое крајче на Европа – рече Кујунџиски.
Тема на првата книжевна вечер беше траумата и истрајноста, а публиката имаше можност да чуе разговор со авторките Паола Перети од Италија и Мирженка Чехова од Чешка. Настанот го модерираа Билјана Црвенковска и Драгица Стаменковиќ, а имаше превод и на знаковен јазик. Вечерта заврши со диџеј-сет на Ogipsilon/Sure Shotz.
На првиот фестивалски ден се одржа и креативна работилница со Ана Голејшка-Џикова во градската библиотека „Браќа Миладиновци“, каде што издавачката куќа „Антолог“ донираше книги со Брајово писмо, изложба на детски цртежи на тема „Другарче“ како и два поткаста, кои ги водеше Душко Крстевски, а гости беа Жозе Луиш Пејшото од Португалија и Здравка Евтимова од Бугарија.
Eтничките, политичките, oпштествените, но и личните борби во делата на неколку балкански автори беа централни теми на таканаречената „Балканска вечер(а)“, која се одржа втората фестивалска вечер.
Разговорот, во полната сала со посетители, со авторите Кристијан Новак од Хрватска, Румена Бужаровска од Maкедонија, Фарук Шехиќ од Босна и Херцеговина и Игор Маројевиќ од Србија, го водеше Владимир Јанковски.
Вечерта се заокружи со книжевен стендап-настап на Марјан Георгиевски, кој наместо половина час, траеше речиси деведесет минути, а во текот на денот се одржа и книжевно читање „Преобразба(та)“/“The metamorphosis”, кое го водеше Пепи Стамков а на кое се претставија пет домашни (Оливера Ќорвезироска, Васко Марковски, Биљана Стојановска, Живко Грозданоски, Ана Голејшка-Џикова) и пет странски автори, потоа, Паола Перети од Италија одржа креативна работилница за деца и тинејџери, а поткаст со Кристијан Новак од Хрватска и Јон Калман Стефансон од Исланд, имаше Душко Крстевски. Исто така, во претпладневните часови беше организирана и традиционалната неформална туристичка тура „Кога писателот шета писатели“, која ја предводеше Васко Марковски, преку која гостите запознаа дел од историското и културно милје на Скопје и на нашата држава.
Третиот фестивалски ден имаше најинтензивна програма. Се одржа „Книжевно отворање кон Европа – македонско искуство“ – втора конвенција на претставници на издавачкиот сектор во склоп на програмата Publishing Europe Fellowship. Настанот се одржа на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, каде што и средба со студентите имаа Мирженка Чехова и Паола Перети. На конвенцијата се искажаа најразлични позитивни парактики од македонските и странските учесници во промоција на литературата создадена на јазиците со мал број говорници, а беа споделени и мислења и предлози како македонската литература полесно да се најде на странските пазари.
Во склоп на истиот настан беше за првпат промовиран и сајтот www.writers.mk кој е огромен чекор напред во промоција на македонската литература на интернационалните пазари, а е креативно осмислен и основан од издавачката куќа „Антолог“. Оваа платформа ќе ги донесе на едно место информациите за најактуелните домашни автори, за сега достапни на англиски јазик, а понатаму и на други светски јазици, преку која странските издавачи ќе се информираат за нашата современа книжевност.
На Анастасија Ѓурчинова и на Бенјамин Лангер им беа врачени наградите „Драги“.
Наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик ја доби Анастасија Ѓурчинова, за превод од италијански јазик на делото „Интимен живот“ од авторот Николо Аманити во издание на „Антолог“, додека германскиот доктор на науки и преведувач Бенјамин Лангер е добитник на годинашнaта интернационална награда „Драги“ за преводот на романот „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, во годината кога се обележува деведесегодишнината од неговото раѓање. Жири комисијата за доделување на наградата беше во состав: проф. д-р Зорица Николовска (претседател), претставник одбран од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, д-р Јана Михајловска, член од семејството на Драги Михајловски и Владимир Јанковски, претставник одбран од издавачката куќа „Антолог“. Во „Јуроп хаус“ – Скопје се одржа панел-дискусија „Читајќи го и преведувајќи го Кафка“ во чест на светското одбележување на стогодишнината од смртта на Франц Кафка. Учесници беа универзитетските професори Зорица Николовска, Венко Андоновски, Соња Стојменска-Елзесер, Бенјамин Лангер (Германија), Јасминка Делова-Силјанова, како и преведувачот Бобан Здравковски Андреевски. Панел-дискусијата ја модерираше Жарко Кујунџиски.
Следните настани беа за паметење. Александар Маџаровски, во „Лабораториум“ имаше разговор со Жозе Луиш Пејшото и со Здравка Евтимова. Испратени беа моќни книжевни, но и човечки пораки, а овој разговор публиката го проследуваше со интензивни овации речиси после секој одговор на авторите, нешто што ретко се доживува на книжевни настани кај нас, а беше обезбеден и превод на знаковен јазик.
Свечено беше доделена и наградата „Букстар“ 2024 на Јон Калман Стефансон за трилогијата „Помеѓу рајот и пеколот“, а разговор со него водеа Александар Маџаровски и Никола Маџиров. На едно место исландскиот писател се осврна на моќта на книжевноста денес: „Сакам да го сменам светот со пишувањето, сакам да допрам до луѓето.“
Вечерта заврши со традиционална македонска музика. Концертот на „Чалгија саунд систем“ ги размрда посетителите, и се имаше впечаток дека гласот на Добрила Грашеска повикува на длабоко духовно патување. Присутните го следеа двочасовниот концерт на нозе, пеејќи ги песните, а атмосферата кулминираше со оро кое го поведе публиката а на кое се придружија и странските учесници.
Со настанот „Книжевната метафизика на Алесандро Барико: Метаморфоза на имагинацијата“, кој вклучува онлајн-разговор со авторот Алесандро Барико од Италија, се затвори фестивалот на европска литература „Букстар“. Италијанскиот писател доби специјална награда „BookStar“ X10 за исклучителни достигнувања во литературата. Меѓу другото, тој кажа: „И читањето и пишувањето се реални, дел се од животот. Нешто создаваш. И, ако денес треба да го преиспитам целото мое творештво, сите романи што сум ги напишал, не можам да кажам дека се работи единствено за бегство од реалноста. Не. Туку за специфичен, малку изопачен начин да се насели реалноста. Начин да се биде во реалноста, не да се бега од неа. Начин да се смени однатре. Од долу. Во суштина градиш светови. Кога пишуваш приказна за човек што го црта морето со морска вода, создаваш свет. Таа слика навлегува во колективната имагинација, како што навлегла во мојата. И тогаш светот станува поголем. И бега, веќе не може да го задржат. И мислам се работи за огромен труд да го изградиш тој свет, не само за бегство. Не само мој, туку бездруго и на моите читатели.“
Разговорот со него го водеше Владимир Јанковски, а воведна реч имаше Анастасија Ѓурчинова.
Последниот ден се одржаа и два настана од затворен карактер: „Publishing Europe Fellowship“ и „Мудар разговор“, што беа спој од професионални и неформални состаноци меѓу петте странски и десетината домашни издавачи, преведувачи, писатели и културни менаџери. Странските издавачи имаа и неформална туристичка тура „Кога писателот шета писатели“, која ја предводеше Тијана Милиќ.
Во склоп на Фестивалот беше организиран и десетиот Саем на европска литература што ги понуди книгите од учесниците но и од други европски писатели, како и од добитниците на Наградата за литература на Европската Унија. Исто така, во соработка со „Пакомак“ беа поставени кутии за собирање стара хартија а за сите корисници на нивната апликација „Антолог“ подари бесплатни книги за да ја охрабри селекцијата на отпадот, а пред сè на ПЕТ-амбалажата. Исто така, интересот на медиумските куќи беше огромен и нè поддржаа со стотици различни објави и интервјуа, за што сме им благодарни.
Редици за потпишување книги, здравици, променети и проширени видици, изблици на енергија, невидено богата програма, сето тоа е лесно е кога целта е да се постигне највисоко ниво на работа и бренд од кој ќе бидеме сите горди. Метаморфозата можеби е комплицирана, ама потоа срцето сјае како избрусен дијамант. Авторите и публиката на годинешното издание на фестивалот беа избрусени дијаманти. И ќе сјаат во нас уште долго.
Фестивалот се одржа под слоганот „Преобразба“ и беше поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, книжевната мрежа Традуки, ЕУ со тебе (Eu with YOU), Амбасадaтa на Германија, издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања беа реализирани и со поддршка на Амбасадите на Република Чешка и Италија, Културно–информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, Италијанскиот институт за култура во Белград, Исландскиот книжевен центар и Институтот за соработка и јазик „Камоеш“. Медиумски покровител на настанот беше Македонската радио телевизија. Визуелниот идентитет беше авторство на Маја Плачкоска, која го изработи и фестивалското видео.