- АКТО, од позиција на вонинституционален сектор, 20 години по ред создава простор за колективност и критичност, локална и интернационална соработка и место за споделување и дијалог
Јубилејното 20-то издание на фестивалот за современи уметности АКТО е во тек во киното на Железничката зграда во Скопје, под тематската рамка „Како се прави“. Во рамките на четиридневниот фестивал, кој е основан во 2006 година и е еден од фестивалите во земјава што има најдолг континуитет на одржување, ќе се случуваат повеќе изложби, проекции, разговори и предавања, работилници и музички настани… Дел од фестивалот ќе бидат многу домашни, но и странски гости како Зорица Милисавлевиќ-Милојковиќ („Урбани оази“, Белград), Борис Бакал („Фрлачи на сенки“, Загреб), Давид Нил Морси и Кристин Лаз („Флоатинг јуниверзити“, Берлин), ОПА („ЗаУМ архива“), Славчо Димитров („Викенд на гордоста“, Скопје), Борис Бакал („Фрлачи на сенки“, Загреб), Кристина Леловац (фестивал „Прво па женско“, Скопје), Димитар Самарџиев („Бостание – општествена градина“, Скопје), Виолета Качакова и Филип Тасевски (фестивал на независна музика „Земјотрес“), „Пијан славеј“, група „Сиз“, група „Трето колено“ и други.
Целата програма ќе биде концентрирана во новоотворената Лабораторија за просторно-перформативни практики: градот како сцена, лоцирана во киното на Железничката зграда во Скопје, а преднастанот ќе биде одбележан со предавање на архитектот Даниел Кунерт од „Арх плус“, водечко германско списание од областите на архитектурата и урбанизмот, основано во 1967 година во духот на еманципаторско самопросветлување и кое критички ги разгледува општествените аспирации на изградената средина во кварталните изданија.
– АКТО, од позиција на вонинституционален сектор, 20 години по ред создава простор за колективност и критичност, локална и интернационална соработка и место за споделување и дијалог. Осмислувањето на 20-то јубилејно издание на фестивалот извади на површина една исклучително важна тема во локалниот контекст, а тоа се најразновидните предизвици, пречки, недоумици и двосмислености, но и предности во создавањето една програма. Оттука произлезе и темата на годинашното издание – Како се прави?, односно како настаните од културата се конципираат и се продуцираат, како се создаваат фестивалите, изложбите, перформансите во земјава, односно како се граделе и како се трансформирале фестивалските изданија и формати на АКТО, но и како се менувал и како се градел поширокиот вонинституционален контекст и неговата неминовна всаденост во општествено-политичките околности – велат од организацијата Факултет за работи што не се учат (ФРУ), кој стои зад организацијата на фестивалот.
„АКТО 20“ е фокусиран на славење на слободната мисла и правото на користење на јавните простори, правото на создавање мултидисциплинарни уметнички активности, вклучувајќи различни заедници, уметници, експерти и граѓани. Но и на соработката и поддршката на млади автори и студенти и активно вложување во едукативни процеси.
АКТО изминативе четири години продуцираше неколку програмски и концепциски линии и платформи што во 20-то издание ќе бидат во фокусот на работата. АКТО активно работеше на активирање на заедницата и просторот во киното на Железничката зграда (почна да работи таму во 2015 година) и ја формираше Лабораторија за просторно-перформативни практики: градот како сцена.
Дваесеттото АКТО се отвори со мала кампања со наслов „Годините се само бројка“ преку која организаторите порачуваат – Она што навистина се брои е истрајноста или потенцијалот да се издржи, да се продолжи, да се создава и тогаш кога контекстот (драстично) се менува.