Со концертот „88 Димензии“ на 20 септември 2023 година во камерната сала на Македонската филхармонија во Скопје започнува одбележувањето на 30 години од германско-македонските дипломатски односи. Пијанистите Арда Мустафаоглу и Леви Шехтман ќе дебитираат со „88 Димензии“ (88 Dimensions), проект со кој преку изведба на класични дела и посредство на компјутерски генерирани ритмови се презентираат современите музички трендови пред публиката. Ваквата симбиоза на презентација на класичната музика има за цел да ги обедини постарата и помладата публика во заедничко уживање на убавините на класичните дела, за прв пат – премиерно во Скопје.
Леви Шехтман е веќе популарен пред германската и светската млада публика и не случајно е заштитно лице на пијаната од брендот „Бехштајн“ (Bechstein). Тој непрекинато го бранува интернетот со својот уникатен спој на класична музика и хип-хопот, комбинирајќи го пијаното како инструмент со најголема комплексност со истовремена примена на нови технологии во создавањето на посебни модерни ритми и мелодии.
Арда Мустафаоглу, кој е миленик на македонската публика и публиката ширум Европа ги носи критиките за неговиот исклучителен и специфичен стил на интерпретација. Забележителна карактеристика на неговата изведба е контактот кој го остварува со публиката на еден, за него својствен суптилен начин.
Пијанистите се студенти на престижниот Хамбуршки факултет (Hochschule für Musik und Theatre). Тие, според нивната богата биографија се вбројуваат во рангот на афирмирани светски уметници, се студенти во класата на еминентната концертна пијанистка Ана Виницкаја и го продолжуваат континуитетот на пијанистичката школа на легендарниот Евгениј Корољов.
Интересна е и изјавата на Леви Шехтман со која тој го оправдува својот специфичен стил на интерпретирање.
-Многу луѓе мислат дека класичната музика е досадна. Немаат трпение да ја слушаат во целост, бидејќи сето тоа се познати моцартовски работи едно целосно клише, како музика што се слуша во ТВ реклама. Луѓето мислат: „О, тоа е музика за високата класа“. Јас разбирам зошто луѓето се чувствуваат така, бидејќи долго време класичната музика беше достапна само за високото општество. Избрав да мешам класика и хип-хоп затоа што мислев дека се два многу различни света и сакам да им покажам на луѓето – особено на помладите – дека класичните музичари не мора да бидат толку вкочанети. Оваа музика може да биде и кул – вели тој.
Меѓутоа Арда Мустафаоглу е еден вид спротивност на овој вид осовременување на класичната музика. Критиките кој тој ги има добиено на бројните настапи ширум Европа говорат за неговиот исклучителен и специфичен стил на интерпретација. Тој во целост го усовршува класичниот звук на пијанистичките дела истражувајќи ги мотивите на композиторите за создавањето на совршените композиции. Но, уште една специфика што ги карактеризира неговите изведби е вградувањето на сопствените чувства во класичните дела кои ги изведува. Во неговите изведби ни малку не недостасуваат елементите карактеристични за современите композитори, а особено за делата на македонските автори.
Ваквиот спој на дијаметрално различни интерпретатори на класична музика е исклучителна прилика за уживање во еден несекојдневен настан кој за прв пат ќе се изведе токму пред македонската публика. Се очекува овој концерт да предизвика голем интерес не само кај публиката во Македонија туку и кај публиката во државите на регионот. За разлика од многу други концерти на класична музика овде публика се очекува да бидат и млади луѓе – љубители на нови правци во музиката.
Самата премиера на концертот во родниот град на Арда е еден вид подарок за публиката и билети не се продаваат, туку се резервираат со порака на:[email protected].