Во чест на празникот на Свети Николај Чудотворец, неформалниот културно уметнички колектив „Аристон“ од Свети Николе најавува нов проект за промоција на Општина Свети Николе и Овчеполскиот регион.
Сите заинтересирани за минатото, сегашноста и потенцијалот за во иднина на градот Свети Николе и плодородното Овчеполие, сега на едно место можат да гледаат стари видеа, исечоци од документарци, прилози, но и нови кратки документарни филмови – потполно бесплатно.
Архивата се прикачува на YouTube каналот Ovce Pole Tv – Овче Поле Тв https://www.youtube.com/@ ovcepole.
19 декември од памтивек се слави во Свети Николе и Овче Поле. Од „Аристон“ велат дека кога во градот немало здрава црква (крај на 18ти и прва половина на 19 век), Светиниколчани за празникот на Чудотворецот оделе пеш „чак до Буриловци“, кадешто се наоѓа најстарата црква посветена на Свети Никола во Овчеполието.
– Со овој дигитален потфат имаме намера да овозможиме бесплатна архива за нашиот роден град Свети Николе и родниот крај Овче Поле. Нека ова биде поттик за враќање на вистинското име на градот – Свети Никола, како што бил официјално именуван од памтивек па до 1945 година. – вели м-р Никола Ристевски од „Аристон“.
На новиот YouTube канал, гледачите ќе можат да се запознаат и со скоро сите цркви кои се посветени на Свети Никола или на празникот на пренесување на неговите мошти, кај народот познат како „Летен Свети Никола“.
Гледачите ќе можат да ги гледаат и документарците за единствениот град со име на светец во Република Македонија од „Аристон“, но и постари документарни и аматерски играни филмови кои ги продуцирале Светиниколчани во минатиот и овој век.
Претплатете се на ОВЧЕ ПОЛЕ ТВ на YouTube https://www.youtube.com/@ ovcepole.


































