Славниот американски скулптор Џеф Кунс објави фотографија од своето ново дело, за кое, како што вели, му требале шест години да го заврши. Имено, американскиот глумец Шон Пен со години собирал оружје и имал импресивна колекција, која опфаќала дури 67 парчиња огнено оружје. Но пред шест години конечно се освестил, сфаќајќи дека има нездрава пасија.
– Една силна и посебна жена од Јужна Африка го промени мојот став за оружјето – изјави тогаш Пен, кој во тоа време беше во врска со глумицата Шарлиз Терон, која има јужноафриканско потекло.
Терон, меѓу другото, е жесток заговорник за ограничување на употребата на оружје, со оглед на огромната траума што ја доживеала на петнаесет години, кога татко ѝ, инаку алкохоличар, ги нападнал со нејзината мајка со сачмарка, по што мајка ѝ во самоодбрана го убила.
– Никому од нас не му требаат овие кукавички предмети, кои предизвикуваат само насилство и деструкција – објасни тогаш оскаровецот Шон Пен.
Решен да се ослободи од својот арсенал, актерот го замолил славниот американски скулптор Џеф Кунс од неговите смртоносни алатки да направи уметничко дело. Кунс го прифатил предизвикот и ја создаде „вооружената скулптура“, која ја нарече „Ули“, инспириран од скулптурите што традиционално ги прават домородците од Нова Ирска во Папуа Нова Гвинеја.
Кунс на својот инстаграм-профил ја сподели и сликата од своето дело, објаснувајќи дека фигурите ули во нормални околности се прават од дрво, бидејќи се симбол на мајчинскиот, но и на татковскиот дух на племенските водачи. Му требале шест години да ја заврши скулптурата.
– Кога Шон Пен ми понуди да ја искористам неговата колекција во уметнички цели, му реков: Апсолутно! – напиша на Инстаграм Кунс, кој, сѐ уште ја има титулата на најскап жив уметник, откако минатиот мај неговата скулптура „Зајак“ од 1986 година се продаде за неверојатни 91,1 милион долари.
Кунс објасни и дека за правењето на скулптурата го користел металот од кој е направено оружјето. На располагање имал 62 парчиња оружје и целата опрема од Пеновата колекција. Американскиот уметник, како што наведува „Артнет“, на овој начин истовремено го искористил огненото оружје и го деактивирал.
Ова дело се најде на добротворната аукција „Хелп Хаити хоум“, од која приходите беа наменети за непрофитната организација „Ј/П Хаитиан рилиф“, која во 2012 г. ја основа Шон Пен за да му помогне на Хаити по катастрофалниот земјотрес во земјата две години претходно. И за Кунсовата скулптура на оваа аукција се бореа двајца познати телевизиски водители, едниот од САД, а другиот од Велика Британија. Англичанецот Пирс Морган го победи познатиот водител на Си-ен-ен, Андерсон Купер, со оглед дека понуди 1,4 милион долари.