Актуелно јубилејно 25-то по ред издание на Меѓународната ликовна колонија „Михајлово/Кавадарци-2019“ протекува со интересни културни настани кои по традиција го збогатуваат културното живеење во градот во овие врели августовски вечери. По изложбите на Сандра Блажева од Софија и Тони Чатлевски од Прилеп, синоќа во Хотелот „Уни Палас“ каде престојуваат уметниците се одржа целовечерен концерт со Тони Китановски Трио и Сашо Поповци Трио. На прекрасната џез музика ѝ претходеше арт-перформанс со ликовниот уметник Ренди Феир од Соединетите Американски Држави кој на многу необичен и уникатен начин со креда црташе пред присутните а неговата слика под светлата заради уникатните креди кои ги користеше добиваше различен колорит.

Годинава на ликовната колонија учествуваат педесетина ликовни уметници од повеќе земји и тоа од Србија, Италија, Русија, Украина, САД, Германија, Словенија, Турција, Бугарија, Албанија, Косово на кои им се придружија реномираните автори од Македонија како Павле Кузмановски, Симон Шемов, Данчо Ордев, Новица Трајковски, Драги Хаџи Николов, Ставре Димитров Стадим, Драги Најденовски и многу други заедно со десетина уметници од Кавадарци. И покрај тоа што годинава за јубилејното издание на колонијата која претставува најголема колонија во регионот и пошироко Министерството за култура не одвои средства, организаторите Домот на културата „Иван мазов Климе“ и Општина Кавадарци успеаја успешно да ја реализираат и тоа годинава со максимален број на учесници кој се заокружува на шеесет.

Владимир Темков, еден од втемелувачите и прв човек на колонијата, вели дека Министерството за култура и Комисијата која ги распределувала средствата на Конкурсот за национални проекти не нашла за сходно позитивно да се изјасни по ниту ден од нивните приговори.

– Затоа годинашнава организација и осмислување на планираните содржини се израз на своевиден инает да успееме и истраеме во нашите намери реализирајќи го ова најбројно и квалитетно издание на колонијата. Оваа колонија има долга традиција и многу успешни изданија на планината Кожув во одмаралиштето Михајлово и околината но и во хотелот „Уни Палас“ отсекогаш во себе го содржела префиксот меѓународна со учество на голем број на уметници од сите генерации и максимално учество на локалните уметници. Ете затоа Кавадарци и кавадаречките ликовни уметници го први ова, за да докаже дека во градот живее уметноста покрај духот и делото кои ги оставија Глигор Чемерски, Петар Мазев, Симон Ѓемов, Ана Темкова, Глигор Стефанов и други – вели Темков.

Создадените дела кои ја надминуваат бројката од сто ќе бидат изложени вечерва на свеченото затворање на ликовната колонија „Михајлово/Кавадарци 2019“. Вечерва исто така ќе биде промовирана книгата „Боите на небото и земјата“ од М-р Владимир Темков од страна на професор Кирил Темков.

Ми.М.