Утревечер со почеток во 20 часот пред нашата публика премиерно ќе биде изведена претставата „Прослава“ во режија на Зоја Бузалковска, по текстот „Фестен“ од Дејвид Елдриџ, всушност адаптација на филмското сценарио со истоимен наслов, чии автори се Томас Винтерберг, Могенс Руков и Бо Хр. Хенсен за првиот догме-филм снимен во 1998 година. Драмскиот текст е напишан и произведен во театарот „Алмеида“ во Лондон во 2004 г. и доживува голем број успешни изведби како низ Европа така и низ светот, а сега конечно ќе биде изведен и во Македонија.
Жанровски определена во денешен контекст, „Прослава“ е современа трагедија и критика на моралната инерција во денешното општество. Тоа е драма што се занимава со расчистување со хипокризијата на „здравото, големо“ патријархално семејство, преку следење на настаните на една семејна прослава во која се одбележува шеесеттиот роденден на таткото Хелге, во мрачната сенка на неодамнешното самоубиство на една од неговите ќерки. „Прослава“ е драма на односи, на внатрешни конфликти. Сложена психолошка приказна, која овозможува возбудлива потрага по најскриените човекови мисли и чувства, потрага што ги испитува границите на издржливоста.
На прес-конференцијата во Драмскиот театар, покрај Зоја Бузалковска, присутен беше и дел од актерската екипа: Александар Степанулески, Дејан Лилиќ. Диме Илиев, Соња Стамболџиоска, Лилјана Вељанова, Емилија Мицевска, Димитрија Доксевски, Ѓорѓи Тодоровски и Лазе Манасковски.
– Навистина долго време се занимавам со „Фестен“, некако барав куќа каде да се удоми. Претставата помина низ различни фази, па и во мене, не само формално, барајќи каде и со кого би ја правела. Помина, исто така, и низ доста нехрабри институции, затоа што се работи за многу деликатни теми што ги отвора, и секој не е подготвен да ги отвори тие теми. Од пред три години се обидувам да ја донесам во Драмски театар, и од различни причини, не секогаш естетски, еве дури сега се појавува. Но некако сакам секогаш да мислам дека така треба да биде и дека тоа само може да ѝ даде нешто плус на претставата – вели режисерката Бузалковска.
Актерот Степанулески, кој во драмата го игра ликот на Кристијан, вели дека кога почнале да го работат овој проект се договориле дека ќе следат еден догме-стил, кој е познат во филмскиот свет, оформен во 1995 г. во Данска.
– Морам да признаам дека тоа тогаш ни изгледаше дека се прави лесно, но по два месеца сфативме дека е многу тешко да се прави догме-театар во догме-околина. Кога сѐ околу нас е догме, кога сѐ околу нас е веќе соголено до срж, дупло е потешко ние да го направиме тоа на сцена – вели Степанулески.
Актерот Диме Илиев, пак, кој ја толкува улогата на Хелге, изрецитира еден краток текст, кој го кажува на крајот од претставата: „Денес кога ќе се спакувате и ќе заминете, може ќе ве видам за последен пат“.
– Не сакам да изгледа на тажење, но можеби ова е моја последна претстава како вработен во овој театар, но ми е мило што работев со ваква екипа, верувајте, огромна екипа и прекрасна екипа – рече Илиев.
Актерот Дејан Лилиќ во „Прослава“ го глуми Михаел.
– Отсекогаш сум љубел да работам театар што може малку да не освести и мислам дека театарот во својата историја и го покажува тоа дека сѐ изумрело, сите медиуми, се појавиле и нови па исчезнале, а театарот и останал таков каков што е – вели тој.
Лилиќ се надева дека со оваа претстава можеби барем еден мал процент луѓе ќе се освестат за тоа што се случува, затоа што колку и да мислиме дека театарот не е живот, сепак во оваа претстава животот е пресликан во театарот.
Покрај актерите што беа присутни, во „Прослава“ се појавуваат: Тамара Ристоска како Пија, Предраг Павловски како Ким, Златко Митрески како Ларс, Дениз Абдула како Гбатокаи и Анастасија Аневска како Девојчето. Преводот на текстот го направи Благоја Б. Бошковски. Драматург на оваа претстава е Александра Бошковска, а асистент на режија е Димче Николовски. Сценографијата е на Тодор Дајевски, заедно со Зоја Бузалковска, додека, пак, костимографијата на Марија Пупчевска и шминката на Јана Гогушевска Мандевска. И.Б.