Иконостасот долг 16 метри, висок 6,2 метри, изработен од тајфата на Петре Гарката и неговиот зет Димитар Станишев е вредно уметничко наследство, кое во последно време покажува доста оштетувања, бидејќи од 1991 година не се вршени никакви интервенции
Иконостасот, еден од најубавите и ретките во Македонија, во црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп наскоро ќе се конзервира. За таа цел, по барање на Заводот и музеј – Прилеп, во завршна фаза се истражувањата врз ова значајно уметничко дело, односно се земаат примероци за анализи, по што ќе се изработи проектот за неговата заштита.
Иконостасот долг 16 метри, висок 6,2 метри, изработен од тајфата на Петре Гарката и неговиот зет Димитар Станишев, е вредно уметничко наследство не само за црквата туку и за музејот, кое во последно време покажа дека има оштетувања, бидејќи од 1991 година наваму немало никакви интервенции. Во својата основа е праволиниски пишува во книгата „Сто и седумдесет години осветување на црквата ’Свето Благовештение’“, Прилеп (2009), авторот Златко Ангелески.
Иконостасот е изработен од оревово дрво. Петар Гарката го работел во делови три години во куќата на браќата Мисиркови. Чинел околу 1.000 турски лири. Деловите подоцна биле составувани во црквата. Иконостасот е на два ката поделен на неколку појаси. Првиот кат има китабиња, фриз и колони со престолни икони. Над престолните икони има фриз работен во длабока резба со растителна орнаментика. Корнизот е граница меѓу двата ката. Потоа се празничните икони, кои се поместени во горниот дел од иконостасот. Паралелно се заштитува и надворешноста на црквата „Св. Благовештение“, попозната како Стара црква. Изградена е од познатите прилепски мајстори Коста Лауцо и Ристе Тасламиче во 1838 година, долга е 32 м, широка 26 м и висока девет метри. Во дворот на црквата се наоѓа гробот на македонскиот револуционер Пере Тошев.
Црквата „Св. Благовештение“ и денес е духовен центар за прилепчани. Освен иконостасот, особено вредно ремек-дело е и владичкиот стол, исто така изработен од Гарката. Тој е едно од неговите последни уметнички дела и единствен од таков вид во земјава. Висок е 5 метри, широк 92 сантиметри, а длабок 86 сантиметри. Во долниот дел има два лава во лежечка положба, а пред нив змии. На предната страна од престолот има два лава, а над нив два феникса со раширени крилја и подигнати глави. На задната страна е поставена икона на која е насликан Господ Исус Христос, како цар заедно со четворица евангелисти.
Црквата „Св. Благовештение“ поседува над 180 икони и други вредни историски предмети, како што се ракописниот антиминис, престолните евангелија, прилепскиот поучителен зборник, богослужбените книги.
Инаку, пред десетина години беше реновирана внатрешноста на црквата, што е споменик на културата.
Иницијативата за изградба на црквата ја повеле угледни личности, чорбаџии и занаетчии, сакајќи на прилепчани да им ја остварат вековната желба за божји храм. Голема улога за добивање документ за изградба одиграле еснафите, особено тутунскиот еснаф. Клучна била улогата на тогашниот тутунски трговец аџи Христо Дамјанов, кој имал храброст да ги изнесе желбите на своите сограѓани пред османлиската власт. Познанството со Рушид-паша го искористил да го запознае султанот со желбата на прилепчани да добијат црква, во која ќе се пее и богослужби на мајчин јазик. Напишал молба до Падишахот, барајќи да се подигне црква. Отишол во Цариград, најпрво на средба со патријархот Григориј, а потоа со Рушид-паша успеал да влезе во дворецот на главниот секретар на султанот. Му одговориле дека треба да чекаат неколку месеци. Ферманот за градење на црквата бил добиен во 1835 година. Извесна баба Мита од семејството Миџовци го дала својот имот, зашто тоа било најдобро место за градба на црквата, а сите еснафи се согласиле да дадат материјал за побрзо да се изгради божјиот храм. Биле ангажирани надалеку прочуените мајстори Коста Лауцо и Ристо Тасламиче.
Црквата е ѕидана во бигорлив делкан варовник, со многу колони од северната, западната и јужната страна. На источната страна е изграден широкиот олтарен простор со апсидата. Наосот на црквата го сочинуваат три кораби формирани од два реда масивни колони. Централниот кораб е полукружно засводен и се издига повисоко од страничните кораби. Кон западната страна на црквата е т.н. „женска црква“. Галериите се на јужната и на северната страна на црквата, во горниот дел на тремовите. Заедно со црквата се градела и камбанаријата, во барокен стил.
Прилепчани одлучиле црквата да му биде посветена на празникот Свето Благовештение, затоа што дотогаш во градот не пристигнала поблага и поубава вест. Осветувањето тогаш го извршил митрополитот пелагониски Герасим. На чинот присуствувале сите свештеници и речиси целиот град. На чело бил аџи-поп Константин Динка, првиот архијерејски намесник во Прилеп, а сослужувале свештениците Христо Икономовски, Ангеле Смичковски, Константин Пантов и други.