Преку оваа заедничка изложба на Македонија, Бугарија и на Србија, ексклузивните наоди од ова наоѓалиште, кои денес се изложени во музеите во Софија, Белград и во Охрид, првпат во историјата ќе бидат претставени како целина
Околу 400 исклучителни експонати, меѓу кои и златните маски што се чуваат со децении во музеите во Белград и во Софија, откриени на познатата некропола Требениште во охридскиот регион, ќе бидат презентирани пред пошироката јавност до крајот на годинава во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје на големата интернационална и јубилејна изложба под наслов „100 години Требениште“. Некои од експонатите македонската јавност ќе има можност да ги види првпат, како и публиката во Србија и во Бугарија. Изложбата се организира во соработка со Народниот музеј од Белград и Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науките во Софија, а таа на почетокот на неделава беше и претставена на првата прес-конференција во Софија посветена на Требениште.
На прес-конференцијата во главниот град на Бугарија, каде што изложбата ќе биде отворена по Скопје и Белград, присуствуваше и археологот кустос – советник Перо Арџанлиев заедно со директорот на Археолошкиот музеј на Македонија, Горан Санев. Запрашан за досега покажаниот интерес кај стручните лица во медиумите, во јавноста за оваа заедничка презентација на експонатите од Требениште, Арџанлиев посочи дека интересот од стручната, но и пошироката јавност бил огромен и сите искрено се израдувале за можноста да ја видат на едно место богатата колекција од оваа некропола во еден ваков формат.
– Освен интересот на стручната јавност од регионот морам да кажам дека огромен е интересот и на европската и на светската археолошка јавност. Тоа го велам бидејќи уште сега, нашите колеги и соработници од Европа, го најавуваат своето учество на свеченото отворање на изложбата во Скопје. Покрај презентацијата на изложбата во Софија беа презентирани и понатамошните намери на нашите институции во врска со оваа некропола, а тоа е работа на еден поголем проект во кој со помош на напредната технологија, која во моментов се користи во археологијата во светот, да се обидеме да дадеме одговори на некои од низата отворени прашања поврзани со митот – Требениште. И за ова веќе постои интерес од институции од земјите од Европа, кои сакаат да се приклучат кон еден таков проект – укажа Арџанлиев.
Откривајќи го бројот на исклучителните експонати на изложбата, тој во оваа пригода сака и да им се заблагодари на сите членови на тимот од Македонија, Србија и Бугарија, кои, како што рече, деноноќно работат на конзервација и на подготовка на тие артефакти за да бидат во можност да ги презентираат во полн сјај.
– Но најзначајно за изложбата е што сите овие артефакти првпат по 100 години ќе бидат презентирани повторно заедно што навистина претставува уникатна и исклучителна можност за сите нас да уживаме во нивната безвременост. За да се организира една ваква изложба беше потребно да се случат многу работи. Идеја за ваква изложба постоела повеќе од триесетина години, но секогаш се појавувале пречки за таа да се реализира. Ние како генерација, која беше исправена пред големиот јубилеј – 100 години од откривањето на оваа значајно наоѓалиште, ја реафирмиравме оваа идеја и за наша среќа таа веднаш и безусловно беше прифатена од колегите во трите земји. Тимовите, односно сега слободно можам да кажам тимот, составен од исклучителни експерти и професионалци деноноќно и со многу ентузијазам работи на реализација на оваа изложба. Но како што реков претходно и други работи влијаеја на позитивен исход, тука пред сѐ мислам на подобрената политичка клима меѓу трите земји и секако поддршката што ја добиваме од нивните надлежни институции. Таа поддршка исто така е голема и доста значајна во реализацијата на еден ваков голем проект – вели кустосот.
Запрашан дали оваа изложба отвора нова страница во научниот и во медиумскиот третман на вредностите на некрополата во Требениште и колку светската стручна јавност ќе може повеќе да дознае за местото од каде што потекнуваат познатите Требенишки златни маски, кустос – советникот со задоволство истакна дека изложбата е и така планирана, покрај достојното одбележување на големиот 100-годишен јубилеј, таа има цел да биде првиот чекор во понатамошното истражување на артефактите и на самата некропола во рамките на еден поголем проект.
– Ние како научна археолошка фела сме должни да продолжиме да трагаме по одговорите и вистината што откритието во Требениште 100 години мистично сѐ уште ги крие. Во рамките на изложбата во завршна фаза е и подготовката на каталог.
Станува збор за луксузно издание, онакво какво што заслужува оваа некропола, и во него на околу 330 страници, покрај каталошкото претставување на секој артефакт поединечно и детално, ќе има и околу 20 стручни текстови на еминентни балкански и европски истражувачи од трите земји, кои според типологијата на предметите обработуваат различни проблеми. Тука ќе биде претставена и историјата на истражувањето на некрополата каде што веќе имаме и ново откритие, но тоа подетално ќе биде претставено во изложбата и секако во каталогот – вели Перо Арџанлиев.