Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп со претставата „Figurae, veneris, historiae“ („Љубовни пози на историјата“) од Горан Стефановски, во режија на Наташа Поплавска, учествуваше на 15-то издание на Меѓународниот фестивал на актери во Никшиќ, Црна Гора. Во Никшиќкиот театар публиката. имашe можност да ја проследи одличната претстава, која отвора голем број прашања во однос на војната, љубовта, интимата, политиката и моралноста.
Во неа играат: Димитар Ѓорѓиевски, Даниела Иваноска, Игор Трпчески, Зоран Иваноски, Катерина Чакмакоска-Клинческа, Јасмина Мицовска-Станкоскa, Димитар Црцороски, Наташа Наумоска, Илија Волчески, Ангела Наумоска и Михајло Миленкоски, а претставата покажува дека војната менува сѐ, тргнува во неочекувани правци, ги трансформира луѓето, ги прави ѕверови, непрепознатливи, различни од претходно. Но колку и да изгледа парадоксално, вистинската сила што го придвижува театарското дејство не произлегува од суровоста и страдањето, туку од љубовта и силните емоции.
За престижните награди на фестивалот, посветен на актерот, се натпреваруваат актери и од театри од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и од Црна Гора. Ќе бидат доделени пет награди: за најдобра и за епизодна машка и женска улога, како и за најдобар партнерски однос на сцена. Тричленото жири е составено од еминентни театарски работници.