Густав Холст (1874-1934) е еден од најзначајните англиски композитори на (релативно) новата доба. Бил филозоф, мистик и вљубеник во ориенталната култура, која оставила длабок печат во неговата музика. Од друга страна, бил склон кон постојано тежнеење да ги спознае космичките односи, често медитирал за животот и смртта, па во неговиот подоцнежен опус се чувствуваат извесна апстрактност и сувост. Лирски и топли теми ретко се среќаваат во неговите дела, но затоа неговото творештво изобилува со совршено вкомпонирани дисонанци и свежи хармонии. Иако, токму заради дисонанците, неговите дела на прво слушање изгледаат остро, нив всушност ги карактеризираат ведра мелодичност и изразена ритмичност, а често и монументалност. Едно од делата што (не само по атмосферата што музиката ја носи, туку и по формата, а и содржината) се истакнува со монументалноста е оркестарската свита „Планети“.
Седумставачната свита е циклус од програмски композиции за симфониски оркестар: „Марс, носителот на војна“, „Венера, носителката на мир“, „Меркур, крилестиот гласник“, „Јупитер, носителот на радост“, „Сатурн, носителот на старост“, „Уран, магионичарот“ и „Нептун, мистикот“. Иако се чини дека свитата е за планетите од Сончевиот Систем, таа е всушност за планетите владетели на зодијачките знаци. Без допирни точки со астрономијата, а со богато искуство во проучувањето на астрологијата, Холст ги претставува со музика астролошките аспекти на секоја планета – со Јупитер во центарот, преку кој, како во огледало, се огледуваат другите планети од обете страни. Секоја има свој спротивставен, обратен лик. Така, Марс е раздвижен, а Нептун статичен, Венера е возвишена, Уран е вулгарен, Меркур е светлина и леснотија, Сатурн е тежина и тегобност. Мора да се земе предвид и дека двата крајни става, Марс и Нептун, се напишани во петоделен такт, што на целата композиција ѝ дава невообичаена ритмичка рамка.
Случајно или не, „огледалото“ Јупитер ја симболизира радоста. Величествен и впечатлив, кралот на боговите почнува со разложени акорди кај гудачите и грандиозна тема во дувачите. Во совршена хармонија го комбинира моќниот звук на лимените дувачи со игривиот танц на гудачите. И кога унисоната мелодија, напишана во различни регистри кај целиот оркестар, одѕвонува со химничен, свечен тон, трогателно убавата музика не побудува тага, туку веселост.
Лада Шоптрајанова Петровска